МАКЕДОНСКИ ИНФОРМАТИВЕН И ИЗДАВАЧКИ ЦЕНТАР - МАКЕДОНСКА ВИДЕЛИНА
Вие сте тука: Почетна страна » Култура » Mакедонците во Србија отвараат нови паралелки

Mакедонците во Србија отвараат нови паралелки 

nove-paralele

Македонците во Србија сакаат да го прошират образовниот процес со отворање македонски паралелки во нови населени места, меѓу кои и во Централна Србија-во Лесковац!

Од пред 2 год., во Јабука и Качарево крај Панчево се отворија 4 одделенија на македонски јазик. Иако годинава отворањето нови паралелки беше блокирано, пред се во Глогоњ, Македонците во Србија имаат добра можност да го спроведат планот за проширување на образовните права и во други населени места, што е еден од главните приоритети на Националниот совет на македонското национално малцинство во Р.Србија.

Борче Величковски, претседател на НС на македонското национално малцинство во Р. Србија, рече:

-Во план сме годинава да го воведеме македонскиот јазик со елементи на национална култура, пред се во Глогоњ, потоа во Пландиште. Имаме добри изгледи да отвориме и прво одделение на територијата на Централна Србија, односно во Лесковац. Во преговори со Министерството очекуваме наскоро да излезат и учебниците за второ и трето одделение за овој предмет.

Во Србија постои интерес за отворање македонски паралелки и родителите ги запишуваат децата да учат на македонски јазик!
Поддршка за отворање нови македонски паралеки во Глогоњ, Пландиште, како и во Лесковац каде претставници на НС со амбасадорката Вера Јовановска Типко остварија повеќе средби, веќе е добиена од надлежните за образование во овој град. Паралелно се водат разговори и со претставници на српското Министерство за образование и наука.

- Тука сме во НС во Панчево да ги утврдиме проблемите и да ја изанализираме состојбата, како и да ги чуеме идеите и визиите за унапредување на образованието на македонското и на други Малцинства, рече Јасминка Перуничиќ, Советник во Министерството за Образование и наука на Р. Србија, и додаде дека сето ова треба да биде прецизирано во Акциониот план, кој треба да се усвои до мај годинава и да биде основа на Министерството за образование за унапредување на начинот на образование на малцинствата во иднина.

Крајна цел на НС на македонското национално малцинство е воведување на македонскиот јазик и во средните училишта, пред се во Панчево, како и на високо-образовните институции во Србија.

Оливер Бранковиќ

Add a Comment