МАКЕДОНСКИ ИНФОРМАТИВЕН И ИЗДАВАЧКИ ЦЕНТАР - МАКЕДОНСКА ВИДЕЛИНА
Вие сте тука: Почетна страна » Актуелности » Убавиот македонски збор во Ниш

Убавиот македонски збор во Ниш 

ubavi-makedonski-zbor

Во април во Скопје, со посетата на директорот Небојша Васиќ и неговите соработници од ГБ „Стеван Сремац“ од Ниш, беше одржана првата средба на раководствата за договор и воспоставување соработка меѓу ЈУ Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје и Градската библиотека „Стеван Сремац“ од Ниш. Повод за оваа посете беше јубилејот на познатиот нишки, српски, и југословенски поет Бранко Миљковиќ, во чија чест беа организирани симпозијум и поетска вечер. По тој повод беа воспоставени првите контакти меѓу двете идентични установи кои се носители на културата во Скопје и Ниш. Следејќи го ритамот на настаните, на 28 нември во Ниш пристигна делегација на ГБ „Браќа Миладиновци“ од Скопје, предводена од секретарот на библиотеката Васко Тодоровски, во чија придружба беа и познатите македонски поети Данило Коцески, Братислав Ташковски, Марина Мијаковска и Јовица Тасевски Етернијан. По исцрпните договори за понатамошна соработка меѓу двете библиотеки, вечерта во просториите на Библиотеката по првпат во Ниш се одржа „ВЕЧЕР НА СОВРЕМЕНАТА МАКЕДОНСКА ПОЕЗИЈА“.

Публиката имаше прилика да се запознае со соврамената македонска поезија која на маестрален начин ја претстави поетот, романсиер, драмски автор, публицист и литературен критичар Васко Тодоровски, прикажувајќи ги историјатот, почетокот и развитокот на современата македонска поезија, од шеесетите години на минатиот век до денес, преку поезијата на Блаже Конески, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петре Андреевски и други поети сè до денешната млада генерација поети. Слушнавме и тоа колку големо влијание врз развојот на современата македонска поезија имал и Бранко Миљковиќ. Сето ова беше проткано со претставување на современата поезијата од македонските поети Данило Коцески, Братислав Ташковски, Марина Мијаковска и Јовица Тасевски Етернијан што на убавиот македонски јазик ги кажаа своите песни објавени во најновите изданија на нивните книги. Нѝ претставуваше чест и привилегија поетите и делегацијата од Скопје да ги примиме во просториите на здружението „ВАРДАР“ од Ниш каде гостите ги запознавме со активностите и работата на нашето зружение, со желба за уште многу овакви убави средби.

Б.Илијевски

Add a Comment