МАКЕДОНСКИ ИНФОРМАТИВЕН И ИЗДАВАЧКИ ЦЕНТАР - МАКЕДОНСКА ВИДЕЛИНА
Вие сте тука: Почетна страна » Центарот на вниманието » Температурите на политичката сцена во пораст

Температурите на политичката сцена во пораст 

konfuzija

ВРЕМЕ НА ПРАВНА РАЗРЕШНИЦА, ИЛИ СЕУШТЕ ПОЛИТИЧКО ПРЕСМЕТУВАЊЕ

Македонската држава влегува во ново поглавје од својата современа историја, или во нова етапа од политичката и институционална криза. Се чини дека нештата се придвижуваат, но сеуште не е сосема јасно во кој правец. Сонцето во оваа држава, иако ја подигна температурата во воздухот, и понатаму се чини дека не светли бистро. Новата влада ги започна своите активности. Тргнаа од надворешната политика. Економијата повторно како да е заборавена. Министерот за надворешни работи ја посети Атина, додека премиерот ја оствари својата прва официјална посета во соседната Бугарија. Дали тоа значи дека Република Македонија повторно се враќа на мапата на отворени држави на европскиот континент или се тоа само први искри на надеж кои многу брзо ќе стивнат. Колегите од Атина беа сосема јасни. Иако новата влада, впрочем како и старата, прифаќа прием на македоската држава во НАТО под привремената референца, грчката страна и понатаму е категорична: „Прво решение за спорот со името, па потоа влез во НАТО“. Грчкиот министер Коѕиас дури предложи и потпишување на нов договор под покровителство на Обединетите нации. А дали со евентуалниот нов договор помеѓу Скопје и Атина всушност грчката страна би ги променила своите позиции во однос на договорот од 1995 година, во кој се вели, дека властите во Атина нема да го блокираат својот северен сосед за влез во било која организација и покрај постоењето на спорот? Во секој случај, мерките за градење доверба и понатаму се клучни, додека решението за спорот и понатаму ќе остане на агендата гледано на долг рок.

Средбата во Атина привлече внимание на локалните и регионални медиуми, но не крена толкава прашина како што се случи за време на посетата на Заев во Софија. Македонската влада на највисоко ниво ја оствари првата меѓудржавна средба со своите колеги од Софија. Познатиот и безкомпромисен Бојко Борисов ја имаше честа да биде прв домаќин на новата влада од Скопје. И што е најбитно од се, средбата воопшто не беше протоколарна. Двајцата премиери успеаа дури да го усогласат и текстот за Договорот за добрососедски односи помеѓу Бугарија и Македонија, кој би требало да биде потпишан на 2-ри август, односно за најголемиот македонски празник Илинден. Иако текстот на овој договор беше клучниот спор помеѓу Софија и Скопје, истиот не можеше да се усогласи последните 17 години, изгледа дека „рецептот“ за разрешување на спорните прашања лежеле во рацетена Заев и Борисов. Ама ако е така едноставно, и понатаму остануваат да лебдат во воздух сомневањата зошто самата содржина на текстот и понатаму се крие од очите на јавноста како државна тајна со реден број 1. Дури и новиот министер за надворешни работи, вели дека, договорите заклучени далеку од очите на јавноста биле подобри за сите. Чудна изјава за еден демократ како Никола Димитров, но можеби и вистинита. Како и да е, 2-ри август и не е така далеку, а тогаш и ќе видиме дали станува збор за таканаречена заедничка и европска историја, или нов бран за остварување на бугарските амбиции и желби.

Веројатно ситуацијата и понатаму делува најкомплексно на внатрешен план. Иако декларативно сите партиски претставници се обврзаа на заедничко делување во смер на евро-атлантското интегрирање, Специјалното јавно обвинителство се чини дека ќе биде повторно жешка точка за нови политички борби. Иако формално мандатот за неговото функционирање истече на 1-ви јуни, главната обвинителка рече дека тие ќе продолжат со своето делување затоа што мандатот кој им следува трае 5 години. Подигнати се обвинителни акти против клучните политички функционери на ВМРО-ДПМНЕ. На листата за мерка притвор побарана од страна на Специјалното обвинителство се наоѓаат поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков и бројни министри од поранешната влада на Груевски. Такви обвинителни акти до сега не се паметат во историјата на современата македонска држава. Како сето ова ќе се заврши, тешко дека може да се предвиди. Дали ќе бидеме сведоци на правна разрешница или политичко пресметување? Дали повторно ќе ја видиме македонската држава во нова криза или следната пролет навистина со покана во рацете за влез во НАТО? Брзо се одвиваат работите, но тешко е видљив правецот на движење. Албанските лидери од сето ова се задоволни. Ахмети испадна најголем победник. Неговата улога во време на владеењето на Груевски како да исчезна. Истите луѓе, но со нови идеи. Сакаат што побрзо да ја видат Македонија во ЕУ и НАТО. Занимливо, како некои луѓе брзо се менуваат…или само така ни се чини. Ќе застанеме тука. Температурите се од ден на ден се повисоки. Се надевам дека истите нема повторно да ја вжештат атмосферата на македоската политичка сцена. Граѓаните и понатаму не се задоволни. Не можат истите тие кои 25 години ветуваат, сега одеднаш и да остваруваат. Но ајде да се подсетиме на традиционалната балканска приказна, подобро мир и корка леб, отколку војни и колатерални штети кои ги чуствуваат само граѓаните.

Митко Арнаудов

Уредник на надворешната рубрика

Магазин Српска економија

Add a Comment