МАКЕДОНСКИ ИНФОРМАТИВЕН И ИЗДАВАЧКИ ЦЕНТАР - МАКЕДОНСКА ВИДЕЛИНА
Вие сте тука: Почетна страна » Најнови вести » СУДБИНАТА НА ЈАЗИКОТ Е СУДБИНА И НА НАРОДОТ

СУДБИНАТА НА ЈАЗИКОТ Е СУДБИНА И НА НАРОДОТ 

sudbina-jezika

Повеќевековната традиција на македонскиот јазик е втемелена во дефиницијата, според која   судбината негова е и судбина на народот, како носител за докажување на неговата посебност.

За Блаже Конески – јазикот за нас е повеќе отколку за многу други во светот. Претставува се што е на него создадено, најголемо приближување до идеалната таковина. Тој заправо е единствена наша татковина.

Но, според некои истражувања од УНЕСКО, кои беа објавени и во Македонија, стои дека за околу стотина години многу јазици нема да постојат. Меѓу нив бил и македонскиот јазик.

Рака на срце, процесите во кои се наоѓа македонскиот јазик денес, навистина се загрижувачки.

- Македонскиот јазик никогаш не бил во понезавидна состојба од оваа во која се наоѓа денес, -вели академик Катица Ќулафкова.

Според неа, не се работи за инсинуации од страна на некој сосед, туку, за опструкции во употребата на македонскиот јазик во самата Република Македонија.

Се намалува популацијата која го зборува и го учи македонскиот јазик. Се воведува офцијална двојазичност, која сама по себе не е опасна, но начинот на кој се инсталира во македонската држава, најблаго речено, ја разнишува стабилноста на македонската држава, доколку албанскиот јазик стане државен јазик и за меѓународна употреба.

- Албанскиот јазик стана задолжителен и за оние делови во Македонија, кадешто нема албанска популација, што е навистина надвор од меѓународните норми, -вели академик Ќулафкова.

Причината за ваквата состојба, според неа, се во недефинираниот идентитет на Македонија, кој е разнишан по сите основи. Идентитетот, според неа, е поврзан со името на народот, со јазикот, со традициите и територијата, со верската и културната традиција, со државните симболи, а тие денес во Македонија се процес на темелно редифинирање.

Да потсетиме: словенската писменост во Македонија се јавува при крајот на IX век со појавата на Охридската книжевна школа, основана од Климент, која остави трајно обележје во јазикот и во писменоста.

Првобитната азбука, глаголицата, во Македонија, била во полна употреба, како вели Блаже Конески, од XI век.

Воведување на македонски народен јазик во книжевна употреба започна со книгите на Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ во почетокот на XIX век.

Прашањето за литературниот јазик и неговата употреба се поставува особено настојчиво во почетокот на втората половина на XIX век.

Историската состојба и неповолното преродбено движење не дозволува да се изгради македонски литературен јазик се до 1903 година, кога се појави книгата на Крсте П. Мисирков „За македонцките работи“, во која јазикот е примарна задача.

Официјелниот книжевен јазик на С. Р. Македонија беше прогласен уште во текот на војната, поточно на Првото заседание на Антифашистичкото собрание одржано на 2 август 1944 година.

Унифициран е со усвојувањето со азбуката на 3 мај 1945 година и правописот на 7 јуни 1945 година, по предлог на Комисијата за јазик и правопис.

За разлика од загрижувачкиот став на академик Катица Ќулафкова, директорот на Институтот за македонски јазик „Крсте П. Мисирков“, во Скопје, д-р Лилјана Макриовска вели, дека, стравот е неоснован и нашиот јазик ќе постои и по сто години, но, навистина состојбата е мошне тешка и неповолна токму заради историските и економските причини и затоа грижата мора да биде многу посериозна и постојана.

- Нашето богато книжевно наследство, што го потврдува и континуитетот на традицијата кај нас, од почетоците на словенската писменост, делото на солунските браќа Кирил и Методи, преку богатата книжевна дејнсот на Климент и Наум, потоа Дамаскин Студит и книжевноста на современиот јазик во XIX век, се основата за втемелувањето на стандардниот јазик, што трае се до денес.

Многувековната писменост на нашиот јазик е влог за неговото опстојување во иднина, -вели Макриовска.

Право и должност на секој народ, па и на македонскиот е, да го сака и да го брани својот јазик, како нешто свето. Тој е неговото најголемо духовно богатство, зашто судбината на јазикот е и судбина на народот.

Виктор Б. Шеќеровски

Add a Comment