МАКЕДОНСКИ ИНФОРМАТИВЕН И ИЗДАВАЧКИ ЦЕНТАР - МАКЕДОНСКА ВИДЕЛИНА
Вие сте тука: Почетна страна » Култура » Средбата со претседателот на Македонија претставува посебна чест

Средбата со претседателот на Македонија претставува посебна чест 

ivanov-pancevo

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА,ЃОРГЕ ИВАНОВ ГО ПОСЕТИ НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ВО ПАНЧЕВО

По едночасовниот разговор со претставниците на Заедницата на Македонците во Р. Србија, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов се сретна и со градоначалникот на Панчево Павле Раданов, којшто ја оцени соработката на локалната самоуправа со македонската заедница како одлична.

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, во рамките на тридневната официјална посета на Република Србија, на први ноември го посети Панчево.

Високиот гостин и неговите соработници во просториите на Националниот совет на МНЗ ги дочека делегација составена од досегашниот претседател на НС и носител на листа Борче Величковски, амбасадорката Вера Јовановска Типко со своите соработници, директорот на НИУ „МИИЦ“ Виктор Б. Шеќеровски, претседателот на САМС Стеван Србиновски, претседателката на „Форумот на млади Македонци“ Зорица Митровиќ, претседателот на здружението „Даме Груев“ од Моравичкиот округ и носител на листа, Славе Груевски и други претставници на Заедницата на Македонците.

Членовите на делегацијата поединечно го запознаа претседателот со работата и успесите што се постигнати во изминатиот период. Претставени се и плановите и програмите за понатамошната работа во четирите области во кои Националниот совет може да работи.

Во своето концизно обраќање, претседателот Ѓорге Иванов ги истакна клучните економски, општествени, политички и културни настани во Р. Македонија, апострофирајќи ја особено успешната соработка на двете држави во сите важни сегменти.

-Но, ништо не е совршено, така што нѝ остануваат и некои прашања што треба заеднички да се решат, а едно од нив е и црквата.

Претседателот на МНЗ Борче Величковски, покрај другото, ги информира високите гости за досегашните резултати во промовирањето и имплементацијата на македонскиот јазик во образованието, култураа и традицијата.

Директорот на НИУ „МИИЦ“ Виктор Б. Шеќеровски, во своето кусо обраќање, нагласи дека е од клучна важност почитувањето на постоечките нормативни акти на МНЗ што се инволвирани и што произлегуваа од СТРАТЕГИЈАТА, која е усвоена од страна на 34 регистрирани здруженија на Македонците во Р. Србија. Сето друго би било штетно и опасно за нивното опстојување.

По едночасовниот разговор со Македонците, претседателот Ѓорге Иванов се сретна и со градоначалникот на Панчево Павле Раданов, којшто ја оцени соработката на локалната самоуправа со македонската заедница како одлична, нагласувајќи дека во Панчево од дваесет и три национални заедници македонската е најбројна.

- Ми претставува посебно задоволство што можам да му посакам добредојде на претседателот на Република Македонија. Оваа негова посета претставува посебна чест, затоа што покрај многуте државни и официјални обврски најде време да го посети и Панчево, изјави градоначалникот Павле Раданов пред средбата со претседателот на Република Македонија.

Лилјана Лазареска

Add a Comment