МАКЕДОНСКИ ИНФОРМАТИВЕН И ИЗДАВАЧКИ ЦЕНТАР - МАКЕДОНСКА ВИДЕЛИНА
Вие сте тука: Почетна страна » Култура » СВЕЧЕНО КАКО И СЕКОЈА ГОДИНА

СВЕЧЕНО КАКО И СЕКОЈА ГОДИНА 

30

„ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА ВО НОВИ САД“

Во организација на здружението „Кирил и Методиј“од Нови Сад, се одржа уште една, единаесетта, успешна манифестација „Денови на македонската култура во Нови Сад“, која во континуитет траеше од 11 до 24 мај 2017 година.

Одбележувањето започна со традиционалната Македонска вечер во прекрасниот амбиент на ресторанот „Ѓерам“ во Нови Сад,каде што имаше чест да се обрати и новиот претседател на здружението, Драгољуб Костовски, а за пријатната вечер најзаслужна е госпоѓа Слободанка Стојановиќ.

Во рамки на манифестацијата, на 18 мајсе одржа и промоција на книгата „Самотија“ од нашата писателка од Белград, Соња Конеска Жугиќ, која пишува на македонски и српски јазик, но тоа што ја издвојува од другите автори се всушност изворните песни со кои таа ги изведува своите монодрами.

На 24 Мај, Деновите продолжија со Свечената академија, организиранаво соработка со Јавната медиумска установа РТ Војводина. Посебно задоволствое што овој ден го посветуваме на сесловенските просветители, словенски апостоли и учители, Светите браќа Кирил и Методиј.

-Нивниот светол пример и понатаму нека ни биде инспирација, да истраеме во зачувувањето на нашиот национален, културен и јазичен идентитет, истакна Васка Чергоска, претседателка на Собранието на здружението и организатор на манифестацијата, која посебно упати поздрав до присутните гости од Амбасадата, Националниот совет, РТ Војводина, како и до останатите поканети гости на Свечената академија.

Голема чест е што на единаесеттата манифестација ,,Денови на македонската култура“ ни се обрати Н.Е. амбасадорката на Р.Македонија во Р.Србија, Вера Јовановска Типко, која истакна дека „славењето на Светите Кирил и Методиј е славење на словенската писменост, славење на писмото што е запишано и во темелот кој се гради и градела нашата историја“.

Претседателот на Националниот совет на македонското национално малцинство, господин Борче Величковски, истакна дека овде во Нови Сад, од секогаш, достоинствено се прославуваат Деновите на македонската култура од страна ни во организација на Здружението „Кирил и Методиј“.
- Овде сме сите заедно по 11-ти пат да го продолжиме славењете на просветителите. Здружението ,,Кирил и Методиј“ од Нови Сад, ќе остане упамтено во македонската историја на припадниците на македонската заедница во Р. Србија, како зачетници на славењето на Деновите на македонската култура, што придонесе и другите здруженија да организираат манифестации на македонската култура. Деновите се слават во Белград и Ниш“, потсети претседателот.

Главниот и одговорен уредник на II програма на РТВ, господин Атила Мартон, се обрати на македонски јазик:
-Мило ми е што можам да ви се заблагодарам во името на втората програма на РТВојводина. Им се заблагодарувам на организаторите за истрајноста и соработката. Ѝ се заблагодарувам и на двочлената екипа на нашата македонска телевизиска редакција, не им е лесно, но не се откажуваат. Златко има таленти кои ги докажа и во Новогодишната програма, а без колешката Лилјана Лазареска, Македонско сонце не би сјаело на екранот, беа зборовите на Атила.

Во извонредната и богата културно-уметничка програма настапија: Градскиот хор од Стара Пазова, Триото „Ла фиеста“ кое го чинат:Катарина Јосифоска, на виолина, Маша Драгаш, на виолончело и Бошко Стојановиќ на клавир, а уживавме во интерпретацијата на изворни песни со Сузана Бјелица од Нови Сад.

Во програмата настапи оперската уметничка од Белград, Бојана Пановска, заедно со Дина Травица, а на клавир ги пратеше Драгана Томиќ.

Беба Влашковиќ, професор по македонски јазик, зборуваше на тема: Минути посветени на Светите Кирил и Методиј, за нивното влијание на своите ученици Наум, Климент и Ангeлариј, кои го продолжиле просветителското дело. Светите Кирил и Методиј со своето дело вечно ги задолжија сите словенски народи и, воопшто, европската и светската култура и цивилизација. Она за што тие се залагаа и напорно работеа, уште во средниот век – рамноправност на јазиците и народите и еднаков пристап до образованието и науката, за сите се основни постулати врз кои денес почива меѓународниот поредок и човечката цивилизација.

Учесниците во програмата придонесоаво збогатувањето на културната содржина, со цел достојно да се претстави дел од културата на Р. Македонија во Р. Србијa

Васка Чергоска

Add a Comment