МАКЕДОНСКИ ИНФОРМАТИВЕН И ИЗДАВАЧКИ ЦЕНТАР - МАКЕДОНСКА ВИДЕЛИНА
Вие сте тука: Почетна страна » Култура » СВЕТОТ ГО ГЛЕДАШЕ СО СВЕТИЛКА ВО СРЦЕ

СВЕТОТ ГО ГЛЕДАШЕ СО СВЕТИЛКА ВО СРЦЕ 

svetot-vo-gledase

СЕЌАВАЊЕ

Наскоро, поточно на 25 јули, се навршуваат 4 години од ненадејното и прерано заминување на поетот, прозниот писател и вредниот активиста на Националниот совет на македонската заедница во Р. Србија Живко Стојановски.

СВЕТОТ ГО ГЛЕДАШЕ СО СВЕТИЛКА ВО СРЦЕ

                                                                                                              

Поетот Живко Стојановски е отворено око кое впива сѐ и посакува со видот да допре сѐ, топло и невино, понекогаш наивно, во непатворенa смисла на зборот, детско срце, кое посакува сѐ да почувствува и на сѐ да се предаде , суштество кое ита кон сѐ, па и кон самото небо, кое му е, како и самиот наслов на неговата нова поетска книга вели, на дофат на рацете.

                                                                                             (Ристо Василевски)

Живко Стојановски (1955 – 2013) беше поет кој светот го гледаше со срце и ни нудеше импресии по мерка на самосвојниот поглед, пред се едноставни и јасни, но и таинствени во својот сјај на светилките единствено нему познати, запалени во роднокрајното поднебје, во просторот во кој ја црпеше поетската мисла, благодарен за проникнатите значења во суштината на поетскиот занает. Неговата роднокрајност, токму таму, каде што стихот започнува и метафорички го залажува јазикот одвантре, во суштествениот личен именик, во настојувањето да се поврзат конците над се што е мисловно, а во исто време сосема едноставно, разбирливо и насочено кон зачудената душевна фурка, чие фучење истовремено ја враќа верата во зборот подреден во љубовниот шепот исто толку во немирниот меланхоличен глас од модрите длабочини на детството.

Поезијата на нашиот талентиран и драг пријател и писател Живко Стојановски, е сѐ она што го собрал во својата душевна сложувалка, патувајќи со ѕвездите, чија светлост ја овековечува љубовта и племенитоста на краткото постоење за да се зачуваат темелите на човечките вредности и на неговиот лик, кој е сега веќе историја за помнење и почит.

                                                                                       (Виктор Б. Шеќеровски)

Роден е во Пландиште 1955 година, а се школувал и во Сремска Каменица. Факултет за безбедност и социјална самозаштита завршил во Скопје. Работел во Министерството за внатрешни работи. Бил Потпретседател на Националниот совет на македонското малцинство во Србија. Со иста љубов го водел имакедонското здружение „Вардар“ од Вршац, како и активностите во општествените структури во Пландиште и Вршац.

Активно учествувал во работата на организирање на македонската Заедница во Војводина и Србија.

Поезија пишувал подолго време. Објавил две поетски книги: Спектар на љубовта и Небо на дофат на рацете, книга на раскази, Кога животот ќе застане во еден расказ и роман Апнежи на пес.

Живко Стојановски е суптилен поет и занимлив и модерен раскажувач. Своите чувства ги искажува со мера и достоинствено.

Подеднакво е занимлив и како детски писател, зашто умее да се игра со зборовите и со нивното значење и ни овозможува специфична атмосфера и мудрост која понекогаш подучува, а понекогаш е едноставна и убава асоцијација.

Живеел и создавал во Вршац, а погребан е во местото Пландиште, каде што е и роден.

Виктор Б. Шеќеровски

ДА НЕ СЕ ДЕЛИМЕ

Биди она што си:

Човек со корен,

Било каде да си роден.

Да не се делиме

Таткоти ќе ти заблагодари

Што си соѕидал

Темел за децата.

Не има од секаде,

Од сите нации.

Но ние сме Македонци.

Да не се делиме

Не сме голем народ,

Имаме само големо срце.

Нема зашто да се срамиме,

Можеме само да се гордееме,

Со сите убаво живееме.

Но да не се делиме

Татковината бара

Да нее изневериме:

Да не се делиме

Зашто ако сме

Македонци,

Тоа и ќе бидем

ВОЈВОДИНО МОЈА

Војводино моја

широка, голема

Со поглед недогледна

Украсена со полско цвеќе

Разбушавена од дрвореди

Татковино на панонските галеби

Носталгијо на далечните души

Бескрај се твоите плодни полиња

За сеидби во кои ноќева Сонцето

Војводино опеана во песни

Со безброј божји чешми

За добронамерни патници

За оние што одат во заборав

Изнедрена од славни предци

Татковино за сите поколенија

Војводино блескава како бистра роса

Позлатена житнице сончогледна

Вкусна лебарко, трепетлив цвете в коса

Рамнино родна широчино недогледна

Поширока од Светот

Add a Comment