МАКЕДОНСКИ ИНФОРМАТИВЕН И ИЗДАВАЧКИ ЦЕНТАР - МАКЕДОНСКА ВИДЕЛИНА
Вие сте тука: Почетна страна » Актуелно » Пироќанци и велешани во едно оро

Пироќанци и велешани во едно оро 

pirocanci-desno

Преубаво беше да се присуствува, да се биде дел од многубројната публика во големата сала на Домот на војската на Србија во Пирот на 29 ноември, на концертот наречен „Концерт на пријателството“ и да се ужива во мајсторството на малите фолклористи, членови на КУД „Коле Неделковски“ од Велес и нивните домаќини КУД „Дукат“ .

Концертот се одржа по повод десет години од постоењето на КУД „Дукат“, јубилеј за почитување, како и една година од воспостувањето на соработка меѓу двете културно-уметнички друштва „Коле Неделковски“ и „Дукат“.

Беше убаво и затоа што младите фолклористи, девојчињата и момчињата од Велес, им ги разнишаа дамарите на вљубениците во македонските песни и ора, на сите во салата која беше полна како „око“.

А, малечките Велешани како прави професионалци, а не аматери, ги виеја ората – копачко, калајџиско, невестинско… Ечеше салата од викоти: бис, бис… а се чу и „браво македончиња“.

На многумина, оние повозрасните, сигурно е дека и самиот датум, но и гостите од Македонија им ги вратија сеќавањата назад во годините кога овој датум, 29 ноември, беше голем државен празник.

Вечерва на концертот, младите Велешани и Велешанки го потврдија одамна реченото: во Босна не пеј – ќе те натпеат, во Србија не играј – ќе те надиграт, а во Македонија ниту пеј ниту играј оти ќе те натпеат и надиграат. Играа како прави мајстори за фолклор, како да се професионалци.

Може да се каже и дека младите од Велес и Пирот на некој начин се надигруваа, бидејќи се редеа: час српско, час македонско оро. Велешани ги играа ората од источна и Егејска Македонија, а Пироќанците од околината на Ниш и Пирот. И едните и другите совршено ги играа ората и ги пееја песните.

Како дар на пријателите од Велес, девојчињата и момчињата од Пирот мошне убаво изиграа „Пиринско цвеќе“, игри од Пиринскиот дел на Македонија. Тричасовната програма на концертот беше само како што може да посака оној што ги сака народната музика, песните и ората.

Ете, славиме десет години од формирањето на нашето КУД „Дукат“. За овој наш мал јубилеј ги повикавме нашите пријатели од Велес, членовите на КУД „Коле Неделковски“ со кои убаво соработуваме од пред една година, нѝ речеДејан Лилиќ, уметнички раководител и претседател на КУД „Дукат“.

Измина само една година откако воспоставивме блиски другарски врски и соработка меѓу нашите две културно-уметнички друштва. Желба нѝ е ова да се прошири на ниво на двата града Велес и Пирот, сè до побратимување. Музиката не знае за граници, таа само ги проширува познанствата и пријателствата, нѝ рече во разговорот Димче Домазетовски, уметнички раководител и директор на КУД „Коле Неделковски“. Нашиот КУД постои повеќе од 35 години, а имаме над 250 членови. Бројни се признанијата што „Коле Неделковски“ ги има во своите витрини, добиени во Македонија, но и надвор од неа, како учесник на многу фолклорни фестивали на аматерските друштва, со гордост нѝ велеше Домазетовски, кој ѝ се заблагодари на пиротската публика која така громко го наградуваше настапот на младите фолклорци од Велес, но секако и на фолклорците на домашниот КУД „Дукат“.

По завршувањето на концертот, двајцата уметнички раководители на друштвата Дејан и Димче си разменија поклони.

На крајот од програмата на бината се разви заедничко оро, а во него Велешани и Пироќанци.

Стево Панакијевски

Add a Comment