МАКЕДОНСКИ ИНФОРМАТИВЕН И ИЗДАВАЧКИ ЦЕНТАР - МАКЕДОНСКА ВИДЕЛИНА
Вие сте тука: Почетна страна » Култура » Пет децении подрака со македонистиката

Пет децении подрака со македонистиката 

akademik

Како медитерански народ, Македонците имат вродена дарба за уметност.Чувајќи ја таа врска македонската книжевност го чува и своето креативно депо.

Среќен сум, што повеќе од пет децении, ја афирмирам македонската култура, литература и јазикот и како професор по македонистика на универзитетите во Приштина и во Нови Сад и како писател со отпечатените 25 книги на двата јазика – на македонски и на српски, и Библиографијата за Македонистиката со околу 800 единици на 16 јазици, како дел од опусот по кој ме знаат колегите и критичарите и ме ценат во еснафот. На катедрите за славистика, во одвоените југословенски држави, сѐ помала грижа се посветува на меѓусебните јужнословенски влијанија што мислам дека не е добро за самото афирмирање на јужнословенските литератури, јазици и фолклорот. Очекувам во иднина дека ќе се води сметка, во новите тенденции за и против, да надвладеат идеите за зближување на културните вредности на народите и земјите, а не за раздружувањето, уверен дека е подобро да се биде оптимист без причини, одошто песимист со причини. Ова го истакна во интервјуто за Македонска виделина академикот д-р Радомир Ивановиќ, професор за македонска книжевност на Филозофскиот факултет во Нови Сад, на катедрата за српска и компаративна книжевност.

Радомир В. Ивановиќ, роден е на 28. август 1936 година во Смоница (кај Ѓаковица). Заврши основно училиште во Подгорица, средното и Филозофскиот факултет во Нови Сад, а докторира на Филолошкиот факултет во Белград во јануари 1965 Од мај 1991год. е редовен член на МАНУ, а од декември 2000 и на ЦАНУ.Тој е почасен Doctor Honoris Causa на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје и почасен член на Друштвото на писатели на Македонија и автор на стотици научни трудови за книжевностите на југословенските народи и народности. Добитник е на бројни научни, културни и книжевни награди. Од јануари 1976, како редовен професор на Филозофскиот факултет предаваше Српска во 19 век, Југословенска (општ курс) и Македонска книжевност, се до пензионирањето (2003).

МВ: Имате објавено 30 Монографии и 35 книги, 13 се преведени на македонски. Како започна интересирањето за македонската книжевност и јазикот?

РИ: Студиите ги завршив 1960 на групата за југословенска книжевност и јужнословенски јазици во Нови Сад. Ме примија како асистент на Филозофскиот факултет во Приштина, кој беше во состав на Белградскиот универзитет, на катедрата кај проф. Харалампие Поленаковиќ. Добро ме прими, но и ме зарази за педагошката дејност, што судбински ми ја одреди професијата и во публицистиката за светските и авторите во регионот. Со Поленаковиќ се дружевме во Скопје и Охрид, ми даваше ретки ракописи за трудовите за браќата Миладиновци и стручно ми помагаше во годините кога бев професор по македонистика во Нови Сад. Живеев во Приштина, често патував во Скопје заради соработката со македонските списанија. Таму се запознав со дејците од македонската наука за литература и јазикот, како што се Блаже Конески, Кирил Пенушлиски, Димитар Митрев, Гане Тодоровски и се чуствував како Македонец. Кога дојдов на работа во Нови Сад, Деканот, проф. Драгиша Живковиќ, ме праша дали сакам да предавам македонска литература; прифатив и среќен зачекорив подрака со македонистиката во истата насока во светот на науката, која ми донесе многу радост и стручни признанија.

МВ: Кога почнавте да го учите јазикот што течно и со радост го зборувате?

РИ: Отсекогаш ме интересираа туѓите јазици, особено од групата на словенските јазици. Македонскиот не го знаев, до ангажманот во Приштина, а потоа го учев во разговорот со пријателите во Скопје. Писателот Божин Павловски, иако не знаев ни десет македонски думи, ми бранеше да зборувам српски, само на македонски за полесно да го совладам низ јазичката практика. Многу ми помогнаа и народните песни од кои ја земав лексиката, да не грешам во пишувањето ме исправуваа Саша Спасов, Блаже Конески, Божо Видоевски, а за дикцијата се грижеа артистите од националниот театар. Значи, македонскиот јазик многу лесно ми одеше, и тогаш и сега и покрај српскиот, кој ми е мајчин јазик, често размислувам на него. Многу во тоа ми помогнаа и предавањата на студентите во Нови Сад, во групата во која секоја година се запишуваа од 80 до 100 академци.

МВ: Колку студенти на Новосадскиот факултет го учат јазикот и македонската книжевност?

РИ: Не го знам точниот број на академците што го изучуват јазикот и книжевноста, предметот се учи кај професорот Здравко Бошњаковиќ во прва и втора година на катедрата за српски јазик, со по два часа и плус два часа за вежби и на катедрата за руски јазик во трета година, како изборен предмет со два часа, без вежби. Катедрите не се викаат како порано јужнословенски туку катедри за српски, хрватски, словеначки, руски, а јазиците се учат на курсевите или факултативно по избор на студентите. Не гледам иницијативи за отворање катедра за јужнословенска литература и јазици, а без зближување на националните литератури и практично ќе се одвојуваме и од изворните принципи.

МВ: Како ја оценувате соработката со Скопските факултети и со МАНУ?

РИ: Како успешна, во сите области. Ќе ја издвојам соработката со факултетот „Блаже Конески“ на чиј предлог станав почасен Doctor Honoris Causa,на филолошките науки на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Со МАНУ помалку соработував, зашто таму имам помали обврски, но често држев тематски предавања кои беа добро примени. Добро соработував и со филозофскиот факултет, станав близок со Ѓеорѓи Ставрев, академикот и се дружев со луѓето од сродните дисциплини како што се филозофијата, естетиката и етиката.

МВ: Кои Меѓународни средби со славистите ги помните и дали зборувавте на панелите и на македонски јазик?

РИ: На средбите во Струга и Охрид се дружевме на семинарите со Реџиналд де Бреј од Австралија, кој ја напиша првата граматика за македонската литература, Волф Ошлис од Германија, Сузана Тополинска од Полска, Рина Усикова од Москва и Иван Доровски од Чешка, нашинец кој таму живее од периодот по Втората светска војна. Се интересиравме за новите трендови во еснафот и како македонисти, не како слависти, зборувајќи нa македонски размислувавме како да се зближуваат словенските литератури и јазици. Сега гледам дека тогаш имав многу пријатели, како да сум во Белград, со коии меѓусебно се инспириравме. Лично, македонскиот јазик го чуствувам како еден од најмилозвучните заедно со Рускиот и Италијанскиот. Македонците, како медитерански народ, имаат вродена дарба за уметност, чувајќи ја таа врска и македонската книжевност го чуваат и своето креативно депо.

МВ: Пишувате за поетиката и прозата на најзначајните македонски автори.

РИ: Поетиката се однесува и на сите други родови. Ќе потсетам дека имам шест книги за поетиката на Кочо Рацин, на Блаже Конески две, на Ацо Шопов, на Славко Јаневски две книги, за жал уште не се преведени на македонски, една за Григор Прличев во светлината на романтизмот, за него зборувале дека пишува како Хомер, што сведочи и наградата за поемата „Сердарот“ во 1862 година. Критиката добро ги оцени и книгите „Портрети на македонските писатели“ и „Книжевните паралели“. Во делата настојував да ги внесам најновите естетски и книжевно теориски методологии, уверен дека тоа ќе ослободи креативна и научна енергија за новите генерации што доаѓаат. Жал ми е што не сум напишал книга за Живко Чинго, раскошен талент кој, како и Петре М. Андреевски, Матеа Матевски и Гане Тодоровски заслужуваат и монографии. Новото ангажирање за таквите творци не ми е напор, туку благодарност за доброчинството и за сѐ што Македонија стори за мене. Потребно е некој да ме поттикне, да не морам сега во овие години да одам кај издавачките куќи и да бркам спонзори.

МВ: Паралелно пишувате за дејците во Црна Гора и некои светски автори…

РИ: Често сум зафатен и со писателите од мојот роден крај. Пишував за Његош, Лалиќ и Киш, па и за светските автори, како што се Томас Ман, Умберто Еко, Габриел Гарсија Маркес и од руската книжевност за Михаил Александрович Шолохов. Сега ја подготвувам монографијата за Марко Миљанов и немам време за други теми заради обврските во ЦАНУ.

МВ: Имате богата библиотека со македонски книги и желба дел од ретките наслови да ги подарите на некое Здружение на Македонците во Србија

РИ: Книгата живее, додека се чита редовно. Погледнете ја сталажата со околу 300 книги, сите се на македонски. Им кажав на претставниците од Народна библиотека во Панчево, па и на лугето во Јабука, како подарок да си земат книги, само не тие што ги користам во пишувањето, односно да однесат повеќе од сто книги. Желба ми е да бидат на едно место како Легат на Радомир Ивановиќ, но иако станува збор за толку вредни и ретки дела, никој не се појави до денес. Тоа му го кажав и на поранешниот амбасадор Љубиша Георгиевски, кога разговаравме за можностите како да се подобрат студиите на универзитетите за македонистиката. Верувам дека моите книги и речниците ќе им помогнат на некои од љубопитните српски и македонски дечиња, во учењето на јазикот и во средините во кои живеат…

МВ: На манифестациите во Нови Сад често зборувате за значајните дејци од Македонија и за нивните длабоки бразди во литературата…

РИ: Сѐ започна на предлог од госпоѓата Васка Чергоска, по повод Деновите на Македонската култура, да зборувам за културното творештво на нашите автори. Како член на Здружението на Македонците во Нови Сад, предавањето го посветив на Блаже Конески, второто на Матеа Матески и Гане Тодоровски, третото на „Св Кирил и Методиј“. Оваа година средбата наместо на 24 мај, ке се одржи на 22 во Радио Нови Сад, во студио М, а јас ќе зборувам за Охридската книжевна школа и учениците на Св. Кирил и Методиј -Климент и Наум. Тоа е можност и за нови средби со некои од моите студенти во Нови Сад, кои го пренесуваат искуството на новите генерации.

МВ: Дали редовно ја читате Македонска виделина и списанието Видело?

РИ: Да, редовно а Виделина ја чита и соседот Милован Корац, кој е дипломиран инженер и добро го знае јазикот. Политичките теми, за жал, не ме интересираат многу ни во српските весници. Ги читам прилозите од културата, спортот затоа што професионално играв во ФК Приштина, кога беше во втора лига, за активностите на Македонските здруженија и портретите од кои дознавам и непознати детали за авторите. Рамнотежата меѓу рубриките покажува дека и во новата средина Македонците творат како вредни ентузијасти и мислам дека Виделина би можела да иницира средби меѓу експертите за современата македонска и српска литература во дваесетиот век и почетокот на новиот милениум и НИУ МИИЦ да ги печати и двојазично научните трудови во месечникот Видело.

 

Кирил Панов

Add a Comment