МАКЕДОНСКИ ИНФОРМАТИВЕН И ИЗДАВАЧКИ ЦЕНТАР - МАКЕДОНСКА ВИДЕЛИНА
Вие сте тука: Почетна страна » Актуелно » Одржана 4 седница на НСМНЗ

Одржана 4 седница на НСМНЗ 

4sednica

На четвртата седница на Националниот совет на македонската национална заедница одржана на 18 07 2015 година во просториите на Совет со почеток од 11 часот, претставени се и усвоени шестомесечниот извештај за работата на советот, наративен и финансов, ребалансот на буџетот за 2015 година, извештајите за работата на НИУ МИИЦ, а донесена е и одлука за распишување на конкурс за избор на директор на оваа институција. Образложени се и верифицирани одлуките на Извршниот одбор донесени во период помеѓу двете седници на Советот, и потврдена е одлуката централната прослава на Илинден 2015 да се одржи во Јабука.

На седницата присуствуваа 19 членови на Советот и директорот на НИУ МИИЦ. На почетокот на седницата усвоен е записникот од третата седница, а заради подобра и поквалитетна работа, прифатен е предлогот да, после секоја седница записникот по електронска пошта се прати до сите членови на Советот на увид, за да можат да се достават евентуални измени и дополненија и да не се губи време на седниците на тие формалности. Појаснувајќи го шестомесечниот извештај за активностите на Советот, претседателот на Советот Борче Величковски посебно го истакна постигнатиот успех во Лесковац, каде што од септември ќе се изучува македонскиот јазик со елементи на национална култура во две одделенија. Покрај паралелките во Јабука и Качарево и преземените активности за отворање на нови паралелки во Глогоњ, за прв пат македонскиот јазик ќе се изучува и во централната Србија, што претставува историски успех во областа на образованието на македонската национална заедница во Србија. Членовите на Советот го поздравија овој потфат со аплауз.

Финансовиот извештај за работата на Советот, како и ребалансот на буџетот за 2015 година предизвикаа дискусија, по која одреден број на членовите на Советот, ја напуштија седницата.

- Должност е и обврска на претседателот на Националниот совет да во рамки на Деловникот за работа на Советот, овозможи време за дискусија на сите пријавени дискутанти, по секоја точка од дневниот ред, но и да води сметка да тоа време не биде премногу пролонгирано. По отворената дискусија по првата и втората точка на дневниот ред, каде што на потполно идентичен начин се спроведуваше деловникот и се забележуваше на дискутантите, членовите на Советот доколку го прејдат предвиденото време, на третата точка од дневниот ред, неврзано за самата точка, ниту темата која се дискутираше, по забелешка дека предвиденото време на впрочем последниот дискутантот за таа тема е исцрпено, се дојде до состојба во која одреден број на членови на Советот, без било какво јасно образложение, тргнаа да ја напуштат седницата, на што прогласив пауза. Сакам да верувам дека покрај временските прилики и високите температури, одреден број на членовите на Советот не беа во можност да го перцепираат моментот на субјективното чувствување и дека во такви моменти не беа доволно спремни да понатаму учествуваат на седницата, која по паузата продолжи. Секако не сакам да верувам дека членовите на Советот кои ја напуштија седницата, солидарно со колегите кои во моментот не беа спремни да ги уважат временските ограничувања во дискусијата, имаа намера или желба да се обидат да го блокираат работењето во понатамошниот дел од седницата на Националниот совет, чии што и самите се дел и користејќи ги правата истовремено, верувам, ја чувствуваат и одговорноста во работењето на оваа институција, истакна претседателот на Националниот совет Борче Величковски.

Директорот на НИУ МИИЦ Виктор Шеќеровски ги претстави извештаите за работа на оваа институција, во првата половина на годината. Истакнувајќи ги проблемите со кои се соочува НИУ МИИЦ нагласи и дека имајќи ги во предвид социјалните и економски прилики во нашата држава, но и индолентноста и индиферентноста на нашата домицилна татковина Македонија, НИУ МИИЦ има направено, ако не преголем сепак видлив позитивен исчекор. Покрај редовните изданија на ревијата ,,Македонска виделина’’ детското издание ,,Ѕуница’’ списанието за книжевност, култура и уметност ,,Видело’’ и детското и младинско тријазично списание ,,Алка’’ кои и редовно се доставуваат до сите македонски здруженија во Србија, НИУ МИИЦ успеа да ја формира Националната библиотека и да ги класифицира книгите по сите библиотекарски стандарди. Членовите на советот ги усвојиа извештајите, како и оставката на членката на Управниот одбор на НИУ МИИЦ Маја Георгиевска. На предлог на претседателот на Советот усвоена е и одлуката да во Управниот одбор се кооптира Зорица Митровиќ.

По констатирањето дека на досегашниот директор на НИУ МИИЦ му истекнал мандатот, членовите на Националниот совет ја усвојиа одлуката за распишување и спроведување на конкурсот за избор на директор на оваа институција. Појаснување за спроведувањето на процедурата на самиот конкурс од страна на Управниот одбор на НИУ МИИЦ даде претседателот на овој одбор Иван Митровски. Тој нагласи дека според оснивачкиот акт НИУ МИИЦ е ДОО – друштво со ограничена одговорност, што значи дека врз него се применува Законот за трговски друштва на Р.Србија.

Претседателот на Извршниот одбор Пецо Ристески реферираше за работата на Извршниот одбор помеѓу двете седници на Советот, ги претстави и образложи одлуките на овој одбор и им се заблагодари на членовите на Советот кои учествуваа во изработката на правилниците врз основа на кои се обезбедува поквалитетна и потранспарентна работа на Советот.

Претседателот на Националниот совет Борче Величковски ги извести членовите на Советот за остварените подготовки за редовното изборно собрание на САМС, и истакна дека во текот на наредната недела, обединетиот предлог Статут ќе биде испратен до сите здруженија.

На крајот на седницата, потврдена е одлуката централната прослава на Илинедн 2015 да се одржи во Јабука, а претседателот на Советот, и членовите Добре Трајковски и Благоја Соколовски ги запознаа присутните со преземените активности и планови за програмата.

Add a Comment