МАКЕДОНСКИ ИНФОРМАТИВЕН И ИЗДАВАЧКИ ЦЕНТАР - МАКЕДОНСКА ВИДЕЛИНА
Вие сте тука: Почетна страна » Политика » Обид за спречување на помирувањето и дестабилизација на регионот

Обид за спречување на помирувањето и дестабилизација на регионот 

napad-na-vucica

Реакции по нападот на Вучиќ – Обид за спречување на помирувањето и дестабилизација на регионот

Белград остана мирен по нападот на премиерот Вучиќ во Поточари,со напомена дека властите ги забранија сите протести поврзани со реакциите околу употребата на терминот геноцид во Сребреница. И додека јавноста во Србија го осуди инцидентот како срамен, властите упатија протестна нота и побараа од БиХ итна истрага за откривање и казнување на напаѓачите. Според нив она што се случи во Поточари е обид за спречување на помирувањето и дестабилизација на регионот. Самиот Вучиќ, по враќањето во Белград изјави дека и наспроти инцидентот ќе продолжи да работи на помирувањето.

-Без разлика што ова беше тешко за мојата фамилија и што Србите ова го доживеаа како голема неправда, без разлика што видов омраза каква досега немам видено, мојата рака кон бошњачкиот народ останува подадена и јас ќе продолжам со таа политика за која сум подготвен да разговарам како проблемите да ги надминуваме!, рече Александар Вучиќ, премиерот на Р. Србија.

Но, за разлика од ваквите изјави на Вучиќ, со остра писмена реакција се јави претседателот Николиќ, кој оцени дека инцидентот претставува обид за линч кој посочува какво мислење имаат одделни бошњачки политичари за Србите како народ.

Властите во БиХ остро го осудија нападот, се извинија и порачаа дека доаѓањето на Вучиќ во Сребреница е во духот на помирувањето.

За нападот на Вучиќ, во Србија медиумите ја пренесоа изјавата на поранешниот американски претседател Бил Клинтон,кој изрази жалење за инцидентот, но рече дека смета дека тоа немало да се случи доколку Вучиќ дошол малку подоцна, откако почнала молитвата, или ако отишол само на комеморацијата.

Високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини побара денеска во име на ЕУ детална истрага за нападот врз српскиот премиер, а повеќе европски функционери го осудија инцидентот.

Оливер Бранковиќ.

Add a Comment