МАКЕДОНСКИ ИНФОРМАТИВЕН И ИЗДАВАЧКИ ЦЕНТАР - МАКЕДОНСКА ВИДЕЛИНА
Вие сте тука: Почетна страна » Актуелности » Најзначајно е да сме сплотени и сложни

Најзначајно е да сме сплотени и сложни 

intervju

КИРИЛ ПАНОВ

Информирањето во рамките на НИУ „МИИЦ“ е најважно средство за афирмација на Македонците во Република Србија

НИУ „МИИЦ” како респектабилен центар во Србија остварува извонредни резултати во информирањето и издавачката дејност. Панчево е еден од центрите каде што Македонците како граѓани се втори по бројноста после Србите, а не се застапени ниту во еден државен орган. Треба да учествуваме во јавниот живот и да ги штитиме граѓанските права, не само на Македонците кои се во оваа средина повеќе од 70 години; првиот претседател на Срезот бил Македонец, јас бев судија на Виши суд, а сега немаме ни македонски нотар во општината, изјави во интервјуто за Македонска виделина Иван Митровски, претседател на Управниот одбор на првиот информативен центар на Македонската заедница во Србија.

ИМ: Можам да кажам дека во последните четири години, од кога сум претседател на Управниот одбор, нашиот центар бележи добри резултати и e респектабилен вруток во афирмацијата на македонската заедница во Србија. Mинатиот месец излезе 100-тиот број на Македонска виделина, од кои 49 списанија се издадени во времето на сегашниот Управен одбор. Тоа е голем успех на уредничкиот состав на чело со Виктор Шеќеровски и на управата, која обезбеди да не задоцниме ниту со еден број на списанието и во беспарицата која е присутна и во издавачката дејност. Иако месечник, Виделина настојува благовремено да ги информира читателите со сите настани во активностите на македонската заедница во Србија и во Македонија. Ние сакаме да создадеме уште подобри услови и ресурси во кои Виделина ќе може да излегува и почесто, барем два пати месечно, затоа што е ценето списание меѓу македонската заедница, информирајќи за остварувањето на човечките права и решавање на животните проблеми на граѓаните и во јужен Банат, Војводина и Србија, а богами и во Македонија. Македонците, расеани по светот, преку интернет изданието се запознават со организираноста во Србија и мислам дека можеме да им дадеме пример и на другите заедници кои се наоѓат и на другите континенти. Тука организираноста е доста квалитетна, младите луѓе сакат да работат и помогнати од поискусните ги заокружуваме заедничките акции. Сметам дека информирањето во рамките на „МИИЦ” е најважното средство за афирмација на Македонците во Република Србија. Преку писмото и јазикот, всушност, настојуваме да ги собереме сите Македонци околу нас, а списанието се чита бидејќи во него на илустративен начин можат да се најдат важните теми и информации за сите генерации. Проблем е дистрибуцијата, затоа што тешко можеме да се пробиеме во домицилната држава Македонија, која треба да покаже поголема заинтересираност кон нашето списание „Македонска виделина“, затоа што тука има теми кои се од значење и за самата држава. Исто така, сакам да кажам дека во проектот на НИУ „МИИЦ” се и другите весници: тука е детското списание „Ѕуница“- издавачката дејност која во мандатот на овој Управен одбор има објавено повеќе од 69 наслови што на македонски и што двојазично и тројазичната „Алка” на македонски, српски и ромски, која информира за активностите и во оваа малцинска заедница. И затоа сме еден издавачки центар кој што е, дури и во рамките на српската издавачка дејност, респектабилен.

МВ: „ВИДЕЛО“ е исто така добро примено како списание кое ги бележи книжевните настани во двете држави и регионот. Какви информации имате во Управниот одбор за признанијата што ги остварува?

ИМ: „ВИДЕЛО“ има објавено повеќе од 20 изданија за книжевните автори од Србија и од Македонија. Истакнувајќи го македонскиот јазик, редакцијата соработува во дадените услови со пријателите од Србија и регионот, афирмира како народ кој има традиција, култура и знаење и македонството како на Балканот, така и во Европа, а ако даде Господ и пошироко во светот, кој како што истакнуваше Гоце Делчев го разбираме „како поле за културен натпревар”. На прашањето дали „ВИДЕЛО“ може до читателите да стигне двојазично, ќе истакнам дека тоа многу зависи од економската криза која ги шири своите корени и во сферата на културата, па со тоа и во издавачката дејност. Значи, средствата ќе ги диктираат активностите во таа насока, доколку обезбедиме повеќе пари ќе имаме и подобри услови во таа дејност, а ако не, ќе мораме скромно и натаму да се пружаме колку што ќе ни дозволува покровот. Гане Тодоровски го оцени „ВИДЕЛО“ како едно од најдобрите списанија, кое се печати на македонски јазик и на најубав начин го афирмира македонскиот јазик во балканската културата. Како спој меѓу пријателските народи на Србија и Македонија, тоа е пример кој треба да се следи во сите места каде што дијаспората е јака во светот.

МВ: Го спомнавте информирањето и воведувањето во службена употреба на јазикот и писмото, како значајни сегменти во решавањето на овие витални прашања за Македонците во Србија. Вие сте и еден од потпретседателите на Националниот совет, кои активности го одбележуват почетокот на работата на новиот, трет повик на Советот како чадорна асоцијација на Македонската заедница во Србија?

ИМ: Почетокот беше посветен на конституирањето на неговите тела, за да можеме да ја остваруваме законската дејност и зацртаните цели според динамиката која е одредена во Националната стратегија, во декадата до 2023 година. Во дискусиите учествуваа и некои нови членови на советот, кои меѓутоа се прикажуваа и по системот „вие и ние“, како опозиција при усвојувањето на дел од редовните активности. Македонскиот Национален совет не е партиска организација, туку државен орган кој се занимава со прашањата од надлежноста на Законот за националните малцинства: културата, образованието, службена употреба на јазикот и информирањето. Ние не можеме да живееме надвор од политичките случувања во оваа земја, но сакаме да направиме едно сериозно единство помеѓу сите структури во нашата македонска заедница, сите Македонци во Србија да се собереме околу една матица, која ќе се бори за решавање на човечките и малцинските права на нашата заедница во македонските здруженија, клубовите и различните политички активности. Со искажаното единство ќе не почитуват и пријателите во Србија, како сериозна организација на домаќини ценети во новата средина во која живеат и соработуваат како граѓани на таа држава. Имено, ако уредно го плаќаме данокот, сакаме на изборите да бираме и да нѐ избираат на различни места, доколку тоа го допуштат условите. Ние немаме претставници во републичкото и собранието на АП Војводина, а во кои сакаме да се слушне и мислењето на македонското национално малцинство.

 

МВ: После дипломирањето на Правниот факултет во Скопје, првото работно искуство го брусевте во професијата во Панчево, во кое работевте како судија, а од пред три години и како адвокат.

ИМ: Сакам да кажам дека од 1982 до 2009 година бев судија, прво на Основен, а потоа и на Вишиот суд во Панчево. Работев како судија на македонски јазик, кој беше службен и во Панчево и се судеше на нашиот јазик. Во 1994 година, тие права беа изменети и оттогаш јазикот во Панчево не можеме да го користиме како службен јазик. Лично мислам, дека би било добро поранешните стекнати права да останат да се користат, во некоја форма, во средините во кои постоеле и затоа во усвоената Национална стратегија на Националниот совет се предвидува да се избориме, во местата во кои сме присутни по бројност, да го користиме својот јазик како и другите малцинства. Панчево е еден од центрите каде што Македонците како граѓани се втори по бројноста после Србите, а не се застапени ниту во еден државен орган од судовите, јавното обвинителство, полицијата и затоа треба да учествуваме во јавниот живот и да ги штитиме граѓанските права, не само на Македонците кои се во оваа средина повеќе од 70 години; првиот претседател на Срезот бил Македонец, јас бев судија на Виши суд, а сега немаме ниту македонски нотар во општината. Тоа е целта и на Националниот совет, да направиме еден демократски пробив, во согласност со законот, за да се вратиме во структурите кои се од значење за нашето малцинство. Свесни сме, дека станува збор за еден долгорочен и сложен процес, во кој очекуваме соработка и од македонската држава, со надеж дека времето ќе покаже дека ќе биде подобро.

МВ: Изнесовте некои прашања, како Македонците треба да бидат присутни во некои претставнички тела, како адвокат со кои проблеми се среќавате денеска…

ИМ: Во адвокатурата, проблемите се бројни. Ќе потсетам дека со успех е решен четири-месечниот штрајк, за да ги исправиме неправдите направени од страна на ресорното министерство. Во однос на македонството, сакам да кажам дека Македонците се доста присутни во споровите пред судот, затоа што имаат многу нерешени имовински прашања. Во споровите, заради сиромаштијата која владее, се појавуваат најчесто без адвокати, парниците долго траат и штетно завршуват, а тука е и незнаењето на српскиот јазик, особено кај постарата популација, што е нова потешкотија. Нив им треба бесплатна правна помош, која до неодамна ја обезбедуваше Шпанската држава, плаќајќи ги услугите на адвокатите во Панчево и во Србија за таквите ангажмани. И во Националниот совет би можеле да обезбедиме човек кој би ја давал бесплатната правна помош во мандатот кој Советот ќе го даде, а симболичните средства да се обезбедат од спонзори. Кај мене често доаѓаат нашите луѓе, им кажав на оние што се политички прогонети дека бесплатно ќе ги бранам, но не можам и другите, затоа што ги почитувам законите на Адвокатската комора да нема бесплатни одбрани. Двајца членови на Националниот совет беа во судска постапка, прогонети неправедно и едниот и другиот, ги одбранив и сега се ослободени од кривичната одговорност, во тој случај немав препреки да ги бранам, но парничните спорови беа поинакви случаи. Мојата канцеларија е отворена за бесплатна правна помош, која би ја давале и некои од младите успешни адвокати и правници во одредени термини, за сите членови на македонската заедница во Србија. Мислам дека како Совет можеме доста да помогнеме, а тоа дали е тешко да се спроведува или не, во ова тешко време, не можеме да знаеме додека не пробаме, му реков на претседателот Борче Величковски, посочувајќи дека имаме успешни млади адвокати, ако ги замолиме тоа да го работат во просторот кој лесно ќе го обезбедиме. Моите нераскинливи врски кон Македонија ќе истакнам дека се големи, со желба престојот таму, да биде со месечно траење. Роден сум во Прилеп, каде го завршив основното и средното училиште, а факултетот во Скопје 1979 година. Првата работа ми беше во Панчево, затоа што им требаше судија за македонски јазик, а по приправничкиот стаж и правосудниот испит 1980 година, со моите 28 години бев еден од најмладите избрани судии во Србија. Во Вишиот суд во Панчево работев до 2009 година, а со адвокатската дејност се бавам од 2012 година. Од својата богата пракса, ќе ја издвојам функцијата претседател на Управниот одбор на Друштвото на судиите во Србија, кое го зачленивме и во Асоцијацијата на Европските Друштва и ќе го споменам членството во комисијата на владата на Србија, за спроведување на реформата на правосудството, со мандат од две години.

МВ: Што ве определи за оваа доста ценета професија?

ИМ: Влијаеа многу околности, но пресуди сепак љубовта кон правото и правдината, која е потребна на сите во животот. Татко ми беше офицер и имаше други идеи за мене, но победи желбата да бидам судија и со гордост кажувам дека професијата ми донесе бројни награди и признанија, особено од луѓето што ме ценат во еснафот. На крај, сакам да го кажам и тоа дека законите треба да се менуваат, како и свеста кај луѓето, за да сфатиме дека повеќе нема пари без работа, а особено ме радува настојувањето да бидеме во заедница со луѓето од Европа, во која трудот се цени и наградува. За нас, Македонците, кои сме вредни трудбеници е значајно да останеме сплотени и сложни.

Add a Comment