МАКЕДОНСКИ ИНФОРМАТИВЕН И ИЗДАВАЧКИ ЦЕНТАР - МАКЕДОНСКА ВИДЕЛИНА
Вие сте тука: Почетна страна » Култура » Мост на балканските народи

Мост на балканските народи 

KameniMost2
Списнието за книжевност, култура и уметност „Видело“ и покрај финансиските и кадровските проблеми кои ги има излегува во континуитет веќе осум години во издание на НИУ „МИИЦ“ во Панчево, а со темите и содржините се грижи да ги претстави сите важни сегменти од културата на Македонците кои живеат во Србија и во Македонија.
- Концепцијата на списанието ги опфаќа сите важни сфери на културата како што е поезијата, прозата, есеистиката, истражувањето. „Видело“ не е само списание на македонската национална заедница во Србија туку тоа е списание кое претставува мост на сите балкански народи, истакна уредникот на списанието Виктор Б. Шеќеровски.
Во секој број покрај автори од Македонија и поети и писатели кои пишуваат на македонски јазик во Србија се застапени и творци од другите националности и држави како што се Црна Гора, Босна и Херцеговина, Словенија, Хрватска. На страниците на списанието свое место имаат и Ромите, а застапени се и автори од сите малцинства кои живеат на овие простори. Уредникот на списанието смета дека културата не смее да има никакви други цели освен поврзување на народите. Единствено таа гради мостови кои остануваат вечно.
-„Видело“ пред сй е производ на еден човек кој од почетокот сам го обликува и го прави, рече главниот и одговорен уредник, Виктор. Б. Шеќеровски, нагласувајќи дека кога се работи во такви услови потребно е многу ентузијазам, време и волја, а нормално е ако се поткраднат и грешки.
Според неговите зборови ова списание има свое реноме и е мошне почитувано и прифатено од читателите.
Освен во Србија „Видело“ е промовирано и во Бугарија, Русија, Романија, Македонија и има многу пофалби и морална подршка од сите места.
Слабата финансиска подршка е главна пречка списанието да добие на квалитет бидејќи широкиот спектар на автори и содржини го зголемуваат времето и ја отежнуваат работата. Основна забелешка на главниот и одговорен уредник на „Видело“ е што Република Македонија не ја препознава макотрпната работа на вакви проекти и не го подржува ова списание во поголем обим.
Лилјана Лазареска

Add a Comment