МАКЕДОНСКИ ИНФОРМАТИВЕН И ИЗДАВАЧКИ ЦЕНТАР - МАКЕДОНСКА ВИДЕЛИНА
Вие сте тука: Почетна страна » Актуелно » Македонците во Србија најорганизирани, но им треба поголема поддршка

Македонците во Србија најорганизирани, но им треба поголема поддршка 

ivana-cvetkovic

СРЕДБА СО ПОВОД - Со потпретседателката на НСМНЗ Ивана Цветковиќ

Македонците, нашинците од Македонија ги има распослани насекаде по светот и светските меридијани. Македонци има и најдалеку во Австралија и Нов Зеланд, Америка и Канада, Европа, но и тука близу, во бившите југословенски републики. Најмногу вососедна Србија.

Од  вкупно 178 општини, дури во 176 општина живеат Македонци кои се соединиле во српското општество и на свој начин го градат своето семејство и живот. Колку се препознатливи како Македонци и колку се интегрирани и почитувани како посебност, разговараме со Ивана Цветковиќ, потпретседател на Националниот совет на Македонците во Република Србија.

Ивана Цветковиќ ја сретнавме во Лесковац, во просториите на здружението „Илинден“, заедно со Мирјана Миловиќ, секретар на здружението и уредник и водител на емисијата на македонски јазик, во рамките на Радио Лесковац. Овде го сретнавме и младиот Никола Миловиќ, сопственикот на етно-музејот „Александар Македонски“, чии експонати се изложени во Здружението, во центарот на Лесковац, а своја поставка имале и во Белград.  Разговараме опуштено и  го задоволуваме нашето љубопитство за состојбите и за живеењето на Македонците во овој дел на Србија.

„Најпрвин, ви благодарам за посетата на нашето здружение овде во Лесковац. И веднаш да ви кажам дека ова наше здружение е едно од најактивните меѓу триесетина други македонски здруженија кои се формирани и работат во Србија.

А Македонци во Србија ги има насекаде, или ако сакате точен податок, еве од вкупно 178 општини во Србија, во 176 има и Македонци. Се разбира, некаде  илјадници, некаде стотици или десетици, некаде и еден, но нè има сегде. А целта на Националниот совет е насекаде да координираме и да придонесеме за обединување, организирање и сплотување на Македонците од сите краишта на Србија. Само така ќе бидеме посилни како Македонци и поцврсти, посилни во нашите барања”, вели Ивана, која посебен акцент во барањата на Советот и на Здруженијата става на употребата на македонскиот јазик во образованието.

Нашата цел е и таа веќе е делумно исполнета, а тоа е внесување на македонскиот јазик во образованието, во училиштата. Засега како изборен предмет во основните или средните училишта. Ова го постигнавме и со законски акти донесени од надлежните министерства според кои македонскиот јазик може да се изучува во сите училишта на територијата на Република Србија, доколку има пројавен интерес од учениците. Тоа веќе е на пат во две училишта во Јабланичкиот округ и постепено очекуваме да наидеме на разбирање и во школските управи на други училишта и други српски општини каде имаме заинтересирани наши деца кои сакаат да го изучуваат македонскиот  јазик.“

Зборувајќи со гордост за овој успех, сепак Ивана не заборава да ги каже и пречките со кои се среќава на овој пат, и тоа не е од српските институциии и управи, ами како што вели, од  некои македонски учители во српските училишта.

„Се обидуваат преку такви пречки или како што јас велам, „петарди“, да не успее овој проект, зашто, наводно, немале добивка од тоа. А јас велам, зарем треба да се бара посебна добивка, ако  успееме да го внесеме македонскиот јазик во училиштата!? Зарем и самото тоа да бидеш свој и со свои препознатливи македонски белези и права, зарем тоа не е добивка на една заедница овде во Србија? Но, за жал, има и такви кои се срамат или се плашат, a нема потреба  ниту од едното, ниту од другото, зашто сепак, овде во Србија, или уште повеќе, овде во јужниот дел на Србија, ние Mакедонците сме одлично прифатени од српската држава и јас со мојата македонска упорност, да не речам, тврдоглавост, сигурна сум дека ќе успееме да ги надминеме сите мали пречки, до реализирање на сите општокорисни проекти за нас Македонците и не на штета на Србите и на другите во Србија. За среќа, во здружението „Илинден“ имаме и други упорни и посветени Mакедонци кои  работат на негување на македонските корени и на македонските белези“, додава Ивана Цветковиќ, потпретседателот на Националниот совет на Македонците во Република Србија.

A, тука, во Лесковац, во здружението „Илинден“ разговараме и со Мирјана Миловиќ, една од најангажираните Македонки . Taa  е уредник и водител на емисијата на македонски јазик на програмата на Радио Лесковац. Секој вторник ја промовира и ја емитира македонската песна и македонскиот збор, а често интервјуира познати личности од Македонија за да ги доближи најважните настани на Македонците кои живеат овде, во овој јужен град на Република Србија, Лесковац-некогашниот текстилен Манчестер, а денес еден од посиромашните српски градови.

„Целта на емисијата на македонски јазик е, пред сè, да се слушне македонскиот јазик, тука над небото на Србија. Наидовме, за среќа, на разбирање кај луѓето од Радио Лесковац, и  во почетокот се одлучивме преку емисијатa да се слушне македонскиот јазик над небото на овој дел од Србија, како и да ги  зачуваме и негуваме македонските традиции и македонскиот фолклор и да информираме за нашите активности, но со време бевме одлично слушани и можам да речам, повеќе бевме слушани од нашите сограѓани Срби, отколку од нашите Македонци во Србија. Бидејќи емисијата оди во живо, и се јавуваа многу Срби кои беа воодушевени и особено од македонските песни кои сакаа да ги слушаат”, истакнува Мирјана Маловиќ, уредничката и водителка на емисијата на македонски јазик со наслов „Македонијо, добар ден“, која додава:

„Емисијата е добро место за споделување на важни информации за важни настани за нас Македонците овде во Србија преку Националниот совет, но и за настани кои се случуваат во Македониј, а не засегаат и нас како Македонци.”

Какви се врските со матичната земја, ја прашуваме потпретседателката на Националниот соовет на Македонците во Република Србија?

„Ние сме нераскинлив дел од нашата Македонија. Тоа го покажавме и на последните избори, кога за првпат дијаспората стекна право на глас. Србија е земја во која Македонците излегоа на избори во најголем процент, речиси 80% од оние кои имаа право на глас. Тоа во другите европски држави е далеку од ова. Но тоа да не се фалиме, но тоа се факти, плод на нашата активност, како на Националниот совет, така и на здруженијата на Македонци ширум Србија. Овде ни помогна и македонскиот конзул во Белград, г. Марјан Јовановски, кој беше во постојана врска со претседателот на Националниот совет, г. Борче Величковаски и со нас Македонците. И кога сме овде, морам да истакнам дека и покрај ваквиот успех на излезност и посветеност на македонските парламентарни избори, сепак не ни е баш најпријатно што нашиот претставник, сега веќе пратеникот за Европа во македонскиот парламент, не нашол време да нè посети нас Македонците во Србија.”

За тоа како финансиски се снаоѓаат за своите активности, Македонците во Лесковац и не се фалат многу, зашто како што велат немаат таква поддршка ниту редовна од државата Србија, а за жал, ниту од матичната држава, Република Македонија.

„Македонија мора да ги поддржи овие наши здруженија, зашто само така ќе покаже дека се грижи за нас Македонците во дијаспората. Ова е време не само да се грижиме и за финансиско опстојување, ами и за побитното – за Македонија како држава. Значи, нашето здружение не води само емисија, туку и мисија за македонската кауза”, нагласува Мирјана Миловиќ, која апелира до македонските бизнисмени и добротвори или државни надлежни фактори да помогнат во функционирањето на  македонските здруженија во дијаспората, барем делумно материјално.

А што се однесува до помошта,  да споменеме дека Здружението на Македонците „Илинден“ од Лесковац има свои простории во кои е сместен и етно-музејот „Александар Македонски“, чиј креатор и сопственик е петнаесетгодишниот Никола Миловиќ. За неговата љубов кон Македонија и за македонските корени ќе пишуваме во најскоро време. Но она што е сега најпотребно, а што го нема тоа се компјутер и интернет конекција и малку финансиска поткрепа за подобро функционирање и поблиска врска со светот, но со Македонија – пред сè!

Го пренесуваме ова барање за евентуална материјална или финансиска помош, а заинтересираните македонски добротвори или надлежни од државата Република Македонија нека се докажат и овој пат на дело. За доброто на Македонците во дијаспората! За наше добро!

Дим Дон

Add a Comment