МАКЕДОНСКИ ИНФОРМАТИВЕН И ИЗДАВАЧКИ ЦЕНТАР - МАКЕДОНСКА ВИДЕЛИНА
Вие сте тука: Почетна страна » Култура » Карванот на поезијата тргна од Качарево

Карванот на поезијата тргна од Качарево 

kacarevo

ЗАПОЧНА МАНИФЕСТАЦИЈАТА „ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА“

Карванот тргна од Качарево, потоа ќе застане во Јабука, па во Глогоњ и ќе заврши во Панчево. Ваквите средби ги поврзуваат двете култури, српската и македонската, а истовремено се прилика за почесто дружење со граѓаните и разменување на мислења.

Здружението „Герман“ од Глогоњ, во соработка со Домот на младите од Панчево, со НС на МНМ, НИУ „МИИЦ“ и Здружението на писателите на Србија и годинава заеднички го реализираат проектот „Денови на македонската култура“.

Овој проект во континуитет се реализира веќе седум години, а поради скромните финансиски средства со кои се располага, во неговата организација учествуваат или даваат подршка повеќе институции и домови на културата во местата каде се одржува.

-Пресреќна сум што од година во година се вклучуваат нови организации кои даваат подршка за негова реализација, вели Маја Георгиевска соорганизатор на проектот.

Манифестацијата е замислена како поетски карван кој поминува низ местата каде има поголема концентрација на Македонци, а се одржува секој понеделник во втората половина на септември и првата половина на октомври во друг дом на културата, каде поетите и публиката ќе се дружат и ќе разменуваат чувства и информации.

-Чувствувам радост кај поетите и публиката затоа што сум меѓу нив и тоа ме прави среќен. Многу сум задоволен оти сум во можност на овој убав начин да ја поделам радоста затоа што сме заедно и што постоиме, рече поетот Ратко Марковиќ Риѓанин.

Според поетот Илија Бетински вакви средби се прилика за почесто дружење со граѓаните и даваат можност да се разминуваат мислења за сфаќањето на денешниот свет.

Годинава карванот тргна од Качарево, потоа ќе застане во Јабука, па во Глогоњ и ќе заврши во Панчево.

-Мора од некаде да се започне, ова е седма година во континуитет како трае оваа манифестација која ги поврзува двете култури, и српската и македонската, вели директорот на НИУ „МИИЦ“, Виктор Б. Шеќеровски.

Во програмата учествуваат поети кои ги сакаат Македонија и македонската поезија. Тие се чувствуваат посебно пријатно на поетските вечери, зашто врската која ги влече кон Македонија и македонскиот јазик е многу силна.

За поетот Миќо Цвиетиќ, кој веќе 40 години се дружи и соработува со македонските поети, овие поетски вечери значат духовно освежување и преплетување на културите на овие простори, каде заедно живеат многу национални заедници. Додека поетесата Вјера Вукшиќ Витошевиќ за Македонија и Македонците ја врзуваат длабоки чувства и прекрасни спомени што ги понела од учеството на Струшките вечери на поезијата, но и од дружењата со македонските писатели преку кои стигнала до светските антологии.

Лилјана Лазареска

Add a Comment