МАКЕДОНСКИ ИНФОРМАТИВЕН И ИЗДАВАЧКИ ЦЕНТАР - МАКЕДОНСКА ВИДЕЛИНА
Вие сте тука: Почетна страна » Култура » Итар Пејо во Јабука

Итар Пејо во Јабука 

999888
Домот на културата „Кочо Рацин” во Јабука веќе десет години по ред, пред крајот на годината, организира театарски фестивал од ревијален карактер на кој учествуваат театарски трупи или секции кои изведуваат претстави за деца.
Во двата дена пред малите Љубители на театарот се претставија домаќините, театарската секција „Мали принц” при Домот на културата „Кочо Рацин”, која ги реализира претставите „Небојша и принцезите” и „Несмасниот Алибаба и разбојниците”. А драмската секција при ОУ „Гоце Делчев” од Јабука со драмата „Школска љубов” на своите врсници им претстави дел од најубавото време во животот. Гостите од Електротехничкото училиште „Никола Тесла” од Панчево со претставата „Стап и канап” ги воодушевија присутните, а ОУ „Братство и единство” и театарската секција „Џетван” на малите Љубители на театарот им го претставија светот од приказните на еден малку поинаков начин. На овој фестивал учествуваше и Драмското студио „Иљо Антевски Смок” од Тетово. Трупата која е задолжена за комедии и детски претстави при ова студио ја изведе претставата „Тетовски шегобијци”.
- Учествувавме со една интерактивна детска претстава. Се работи за познати тетовски шегобијци, меѓу кои е и ликот на Итар Пејо. Настанот се случува во сегашно време, а содржината е интересна и поучна, составена од повеќе македонски народни приказни. Замислата ни беше да ги вклучиме и децата во претставата, со што полесно ќе им ги приближиме народните приказни, рече авторот и режисер на претставата Мирко Видоески, кој на публиката од Јабука и е познат и како поет и ликовен уметник.
Соработката со Домот на културата „Кочо Рацин” започна одамна, уште на првата детска ликовна колонија кога овој познат уметник првпат дојде во Јабука. Целта на нивното често гостување во ова место е да го шират македонскиот јазик меѓу Македонците и најмладите жители на еден едноставен и интересен начин. За целата екипа, а посебно за Игор Бачоски, главниот актер во претставата, престојот и честото посетување на Јабука претставуваат голема среќа и задоволство. Тие на овој фестивал настапуваат по третпат, многу се среќни што имаат отворена покана за гостување на сите манифестации.
Ширењето на Љубовта кон овој вид уметност е главната цел на одржувањето на фестивалот. Организаторите во Домот на културата „Кочо Рацин” се надеваат оти со десетгодишното континуирано одржување докажаа дека досегашниот ревијален карактер на овој фестовал од идната година треба да добие поинакви рамки, а со тоа и помасовно учество.
Лилјана Лазареска

Add a Comment