МАКЕДОНСКИ ИНФОРМАТИВЕН И ИЗДАВАЧКИ ЦЕНТАР - МАКЕДОНСКА ВИДЕЛИНА
Вие сте тука: Почетна страна » Центарот на вниманието » ИЗЛЕГУВА ЛИ МАКЕДОНИЈА ОД ПОЛИТИЧКАТА КРИЗА

ИЗЛЕГУВА ЛИ МАКЕДОНИЈА ОД ПОЛИТИЧКАТА КРИЗА 

konfuzija

Чини се дека македонската држава полека излегува од политичката криза. Претседателот Иванов го даде мандататот за формирање влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев. Конечно се дадени гаранциите. Претходно беше избран и новиот претседател на македонското собрание. Талат Џафери застана на чело на собранието на начин кој не беше многу различен од неговото поставување на функцијата министер за одбрана. Граѓаните тогаш протестираа на скопските улици, а денес успеаа дури да влезат во собранието. ВМРО-ДПМНЕ како да ги прифати новите околности. И самите велат дека одговорноста сега е во рацете на парламентарното мнозинство. Дури и лидерот на ДУИ Али Ахмети се јави. Тој повторно ја спомна таканаречената Тиранска платформа, но овој пат од нов аспект. Рече дека е битно да се исполнат клучните точки од нејзината содржина, односно евроатлантската интеграција на Република Македонија, а од имплементацијата на Албанскиот јазик на целата територија и новите двојазични банкноти ниту збор.

Иако тензиите полека но сигурно изгубија интензитет состојбата и понатаму не смееме да ја гледаме како идеална. Нереално е после 3 години интензивно продлабочување на кризата да очекуваме решение за еден ден. Тоа е премногу наивно. Па дури и после посетата на Брајан Хојт Ји.

И сега повторно се појави Специјалното јавно обвинителство. Решени да ја истераат правдата до крај. Подигнаа сериозни обвинителни акти против клучните луѓе во ВМРО-ДПМНЕ. На списокот на осомничените се наоѓа и лидерот на оваа партија Никола Груевски. Како ќе се одвиваат работите понатаму, тешко дека некој кој ја следи македонската приказна може да предвиди. И сами гледате дека од ден на ден се соочуваме со нови околности. Додека претходниот ден правевме хаос во собранието, денес зборуваме за политичка коректност и одговорност. Само не знам кој е во сето ова „будала“. Дали политичарите се толку одалечени од реалноста па сметаат дека граѓаните се само инструмент за исполнување на политичките интереси, или граѓаните во својот длабок и секојдневен очај на македонската реалност навистина веруваат во интригите на македонската политичка и пред се гладијаторска арена. Само во римска доба можеме да забележиме таква борба. Од една страна за пофалба, се бориш за остварување на интересите до последната капка крв, но од друга трагично, во 21. век водиме политика која е на спротивна страна од цивилизациските текови.

 

Битно е дека „странците“ се задоволни. За нив кризата во македонската држава е разрешена. А и зошто да не мислат така кога секако не живеат во оваа држава, во овие перипетија. А богами се смирија и страстите на Еди Рама. Во последните неколку недели не споделува „твитер“ коментари за ситуацијата во Македонија. Веројатно и тој се освести за кризата во државата која ја води. Само во кој смер?

И за крај слободно можеме да кажеме дека граѓаните во Република Македонија повторно се предмет на манипулација. Ниту оние кои ја бранеа уставноста постигнаа суштинска цел после скоро 4 месеци интензивни протести, ниту пак овие до другата страна, кои потајно очекуваа да го видат мандатот во рацете на Заев, ќе станат сведоци на македониот препород. Едноставно кажано тоа не е можно. Тезата дека истите овие политичари се главни актери во кризата која трае повеќе од две ипол години ни потврдува дека не можат они да бидат решението. Груевски и Заев се во истата „кошница“. Но, рано е тоа да го утврдиме. Тоа ќе го забележат историските белешки, а иднините генерации ќе имаа прилика да видат кој се работел на зачувување на македонската држава. На овој или на оној начин!

Автор: Митко Арнаудов

Уредник на рубриката за надворешни работи во списанието Српска економија

Белград, 27.05.2017.

Add a Comment