МАКЕДОНСКИ ИНФОРМАТИВЕН И ИЗДАВАЧКИ ЦЕНТАР - МАКЕДОНСКА ВИДЕЛИНА
Вие сте тука: Почетна страна » Политика » Иванов: со Србија имаме заедничка визија

Иванов: со Србија имаме заедничка визија 

ivanov-sastanak

Претседателите на Македонија и на Србија, Ѓорге Иванов и Томислав Николиќ, на денешната средба во Белград, констатирале дека соработката меѓу двете земји е многу добра и оти пријателските односи се развиваат во духот на добрососедство и блиска соработка помеѓу двата народа. „Србија и’ е благодарна на Македонија на помошта околу поплавите“, рече српскиот претседател, нагласувајќи дека Македонија во првиот момент донирала 370.000 евра, а потоа и 175.000 евра во готови пари. На донаторската конференција, според Николиќ, од Македонија во Србија стигнале уште 100.000 евра.

Двајцата претседатели се согласиле да се формира работна група околу пристапувањето кон ЕУ, особено за подготвување оперативна програма за полесно да се пристапи кон ИПА-фондовите.

Иванов на прес-конференцијата изјави дека очекува што побрзо да се организира заедничка седница на владите на двете земји за да им се даде поттик на добрите односи и да се тргне кон решавање на нерешените прашања.

„Имаме долга традиција и заедничка визија“, констатираше Иванов. Тој уште нагласи дека доминантно прашање во разговорите биле инфраструктурните проекти и зголемување на трговската размена. Според него, целта е таа размена да достигне една милијарда долари. Сега таа изнесува 800 милиони долари. Иванов смета дека треба да се развиваат енергетските капацитети во регионот. „За некои прашања нашите ставови се разликуваат, но тоа не ги блокира добрите односи во другите области“, рече Иванов, нагласувајќи дека во таа смисла Србија и Македонија претставуваат добар пример во регионот. „За се’ може да се разговара ако постои заеднички интерес“, нагласи македонскиот претседател.

Томислав Николиќ пред новинарите спомена дека во годината кога се одбележуваат 100 години од почетокот на Првата светска војна треба да се обноват спомениците „на нашите храбри сограѓани, благодарејќи на чија жртва и храброст ние денеска живееме во мир и слобода“. Тој го замолил Иванов што побрзо „да се усвои спогодбата за заштитата на воените меморијали и местата на страдањето на цивилите“. Николиќ не спомена на кои места од настани од Првата светска војна конкретно мисли.

Иванов на состанок на трилатералната комисија

 

На состанокот на Трилатералната комисија во Белград, присуствуваше и македонскиот претседател Ѓорге Иванов, која веќе четири децении обединува влијателни политичари, бизнисмени и интелектуалци од целиот свет.

Формирана во 1973 година од страна на Дејвид Рокфелер, американскиот банкарски и нафтен магнат кој се’ уште стои на чело на бизнис-династијата Рокфелер. Самиот Рокфелер за целта на Комисијата и за многубројните критики упатени на негова сметка, има изјавено: „Ме обвинувате дека ковам заговори со други луѓе низ светот за да изградиме подобро интегрирана светска политичка и економска структура, односно единствен свет. Ако така гласи вашето обвинување, тогаш да, јас сум виновен, и горд сум на тоа“.

Конференцијата во Белград ја организира влијателниот српски бизнисмен, и поранешен југословенски младински функционер Тахир Хасановиќ, кој е и претседател на српската канцеларија на Трилатералната комисија. Меѓу поканетите лидери од регионот, освен претседателот Иванов, се најдоа и црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, претседателот на босанското Претседателство Бакир Изетбеговиќ, претседателот на Република Српска Милорад Додик, но и претседателката на Косово, Атифете Јахјага, која ја одби поканата од протоколарни причини.

Add a Comment