МАКЕДОНСКИ ИНФОРМАТИВЕН И ИЗДАВАЧКИ ЦЕНТАР - МАКЕДОНСКА ВИДЕЛИНА
Вие сте тука: Почетна страна » Политика » Евроинтеграцијата е стратешка цел на Македонија

Евроинтеграцијата е стратешка цел на Македонија 

9998

Премиерот, Никола Груевски, две седмици пред Самитот на Европскиот совет одржа говор во европската канцеларија на германската фондација „Конрад Аденауер“ во Брисел за европската перспектива на Македонија.
- Европската интеграција на Македонија е главен национален приоритет и стратешка цел на земјата. Посветени сме на ЕУ-агендата, но некои политички размислувања не може да се потценат, посебно економската ситуација насекаде и тоа што има голем број на невработени млади луѓе. Постојано го слушаме аргументот дека Македонија не може да ги почне преговорите за членство поради тоа што ЕУ сака да има чисто досие и да го зачува мирот во куќата. Унијата не треба да чека повеќе да ги почне пристапните преговори со нас оти отворањето на преговорите ќе биде катализатор за решавање на прашањето за името, додаде Груевски.
Според премиерот на Република Македонија, соработката и компромисите се работни цели на ЕУ, и дека со посветеност на нашиот јужен сосед во констурктивен дијалог може да се дојде до договор. Тој додаде и дека владеењето на правото е основната вредност на ЕУ и сите земји-членки треба да работат според меѓународното право и меѓународно-прифатените правни обврски.
- Меѓународниот суд на правдата за прашањето за грчката блокада на македонското приклучување на НАТО одлучи дека тоа било нелегално и го прекршило билатералниот договор од 1995 година. Оваа одлука јасно ја оправдува нашата позиција и правото да го користиме уставното име на нашата земја, а ако сакаме да се приклучиме на меѓународни организации какви што се ЕУ и НАТО, да бидеме прифатени под привременото име со тоа што другата земја, нашиот јужен сосед, нема право да не блокира. Грција не постапи во согласност со пресудата на судот од Хаг, па се прашуваме што е улогата на меѓународното право? – запраша Груевски.
Во однос на економскиот развој, премиерот посочи дека Македонија е земја на економски успех оти од изолирана во почетокот на 90-тите години на минатиот век, разви една од најотворените економии на светот. Ваквите управувани реформи, според него, ја поддржаа борбата со домашните проблеми како корупцијата. Поради тоа, посочи Груевски, сега Македонија е рангирана во најдобрите 25 земји според листата „Дуинг бизнис“ во извештајот на Светската банка, што е постигнато по бројните реформи што се направени последните седум години.
- Игнорирањето на клучниот европски принцип на „владеење на правото“ од најстарата балканска земја членка во ЕУ, ги става во исто време и Грција и Македонија, како и целиот регион, во неудобна позиција. Како може сите заедно да бидеме поефективни во реформите и да ја шириме областа на стабилност и просперитет, додека нашиот регионален бенчмарк ги игнорира правните ангажмани и одбива да ги имплементира наодите на Меѓународниот суд, кон чија надлежност сите се придржуваме, запраша претседателот на македонската Влада.
Истакнувајќи дека сите ја разбираат политичката удобност што земјата-членка го ужива, Груевски посочи дека Македонија е прва во редот што има интерес од просперитетна, демократска и добро менаџирана Грција, која се поместува кон генерирање на позитивна енергија околу регионот. Тој рече дека земјите се многу економски меѓузависни и релациите меѓу народите и бизнисот се одлични и дека тоа е стратешки интерес на Македонија и дека ќе се работи за натамошно продлабочување, но дека за тоа е потребен партнер од југ и очигледно малку од европскиот вкус.
М. В.

Add a Comment