МАКЕДОНСКИ ИНФОРМАТИВЕН И ИЗДАВАЧКИ ЦЕНТАР - МАКЕДОНСКА ВИДЕЛИНА
Вие сте тука: Почетна страна » Актуелно » ДОПИР НА МАКЕДОНИЈА

ДОПИР НА МАКЕДОНИЈА 

dodir

Манифестацијата Денови на македонската култура во Белград „Допир на Македонија“, во организација на здружението Македониум, по петти пат свечено е отворена во Народниот театар во Белград, со гостување на Драмското студио од Тетово.  Манифестацијата свечено ја отворија претседателката на здружението Македониум од Белград, Елисавета Ивановиќ и доајенот на глума, прочуениот глумец со македонско потекло Иван Бекјарев.

Тетовчаните ја воодушевија многубројната публика во Народниот театар со претставата ,,Упатство за брак”, во режија на Игор Бачоски, по текст на Милош Радовиќ.

Изложба ДЛУМС

Изложбата на Друштвото на ликовни уметници Македонци во Србија, свечено беше отворена во Конакот кај Кнегиња Љубица, во рамки на музејот на град Белград. Изложбата свечено ја отворија директорката на Музејот на град Белград, Тијана Коричанац, во името на Македониум-секретарот Ранко Бебекоски, претседателот на Одборот за култура во Националниот совет, Синиша Новески и претседателот на ДЛУМС Васил Галев.

На изложбата беа изложени слики и скулптури од 22 македонски сликари и вајари кои што живеат и творат во Белград, и тројца гости од Србија. Во времетраење на изложбата беа организирани и низа културно уметнички програми.

Вечер на македонска етно музика

Со гостите од Македонија и изведувачите на македонската етно и традиционална музика во Србија, посетителите имаа прилика на најдобар начин да ја почувствуваат и допрат Македонија.

На самиот почеток, младиот магистер по етномузикологија Горан Милошев одржа предавање на тема ,,Музичката традиција на Македонците во Војводина“. Шесточлената етно група ,,7-ми септември” од Македонски Брод, со традиционалните македонски инструменти, носии и песни на најдобар начин ѝ се претставија на белградската публика.

Ансамблот на НС на МНЗ ,,Тоше Проески“ од Качарево ги претстави и своите најмлади изведувачи, а Градскиот хор на Стара Пазова се претстави со изведба на староградски македонски песни.

Новоформираната женска пејачка група на здружението Македониум ,,Македонки“, ја затвори оваа прекрасна вечер.

Со оглед на тоа дека истата вечер се одржуваше и манифестацијата ,,Ноќ на музеите”, настанот беше мошне посетен.

Ликовна работилница

Младите уметници, Ирена Ѓукиќ и Синиша Новески, одржаа ликовна работилница на тема ,,Допир на Македонија“. Присутните цртаа, што претставува Македонија за нив, а цртежите беа изложени на затворањето на изложбата на ДЛУМС.

 

,,Везилка“ вечер на поезија

Со голем број на поети и поетеси меѓу кои беа и Миљурко Вукадиновиќ, Виктор Шеќеровски, Оливер Јанковиќ, Драган Петковиќ, Раде Кокиќ, Блага Јанковиќ, Искра Пенева, Милена Мркела, Лидија Каранфиловска Жикиќ, Јованка Србиновска и други, одржана е поетска вечер наречена ,,Везилка“. Присутните уживаа во емоциите на поетите, кои го претставија својот свет проткаен со љубов, топлина и верба дека соживотот е можен, а пријателството е нешто највредно што треба да го негуваме и чуваме.

 

Проекција на филм

Во соработка со Македонската кинотека во Скопје, проектиран е филмот ,,Бал-кан-кан.” Тоа е македонски филм во италијанска копродукција, кој го следи животот на македонски бегалец кој патува низ балканот за да ја пронајде својата баба која е завиткана во тепих. Дарко Митревски е режисер и сценарист на филмот, а Владо Јовановски, Адолфо Маргиота, Ѕвездана Ангеловска и Тони Михајловски ги играат главните улоги. Добитник е на Специјалната награда од филмските критичари на Русија на XXVII Московски Меѓународен Филмски Фестивал одржан во 2005 година.

 

Вечер на класична музика

По промовирање на театарската, ликовната, книжевната и филмската уметност, повторно е промовирана уметноста по која Македонија ја препознаваат насекаде во светот – музиката. Посетителите имаа единствена прилика да ги слушнат младите и успешни оперски пејачки и пијанисти со македонско потекло, кои со својата работа помагаат и придонесуваат да се сочува, негува и промовира македонската музичка уметност и култура во Белград. Оперските диви Ана Синицки и Бојана Пановска и пијанистите Борко Милојковиќ и Горан Милошев, имаа извонредни настапи, по кои публиката два пати ги враќаше на бис.

 

 

 

 

 

Свечена академија Св.Кирил и Методиј

Традиционалното одбележување на празникот Св.Кирил и Методиј одржано е во соработка со основното училиште ,,Св.Кирил и Методиј“ од Белград, што е уште една потврда дека културата не ги познава јазичните и националните бариери и го унапредува мултикултуралниот живот во Белград. Слово за светите браќа одржа претседателот на собранието на Македониум, генерал во пензија Ангел Ончевски, а со музички точки програмата беше пропратена од страна на проф. Љупка Симеуновиќ и женската пејачка група ,,Македонки“. Специјален гостин на вечерта беше писателот Димитрие Соле Љубин, од Велес, кој ги воодушеви присутните со своите стихови и перформансот и читањето на извадоци од своите романи. Љубин е учесник и на многу поетски средби и фестивали, како што се фестивалите во Стразбур во Франција и Фрибург во Швајцарија, но и на ред други поетски средби и фестивали во Македонија, а на Струшките вечери на поезија повеќе пати.

 

Изложба на скулптури на Синиша Новески

Во галеријата Прогрес свечено е отворена изложбата на скулптури на Синиша Новески. Поставката содржи 18 скулптури во бронза, мермер и оникс, извајани во единствена стилизирана форма, во која доминира волумен, цилиндрични маси, а владее спокојство, мир, со минимално движење и гестикулација. Секоја скулптура има различни колористични вредности и патина, која крие лиризам и архаичен израз. Изложбата ја отворија Амбасадорката на Р.Македонија во Р. Србија Вера Јовановска Типко, и ликовниот уметник Димитрије Чудов.

Неговите скулптури се избрани за поставка на овогодишната Универзална светска изложба ЕКСПО 2015 во Милано, а еден е од десетте скулптори чија биографија ќе биде претставена во материјалите на оваа значајна и влијателна глобална манифестација.

 

Македонска вечер

Ѓерданот на деновите на македонската култура во Белград, нижан на повеќе од десет настани, го завршивме со традиционалната македонска вечер, со автентичниот оркестар од Македонија, во еден од белградските ресторани, каде што гостите во опуштена атмосфера ја дегустираа македонската мастика, македонските вина и го играа прочуеното македонско оро.

 

Манифестацијата ,,Допир на Македонија“ по петти пат се одржува во Белград, под покровителство на Министерството за култура на Р.Србија, Националниот совет на македонската национална заедница и Македонската бизнис зедница во Србија; се реализира во најеминентните културни простори во Белград како што се: Народниот театар, Музејот на град Белград, Градската библиотека и галеријата Прогрес во Белград, без финансиски надоместок, спонзорирана од пријателските компании Тиквеш, Стоби, Витаминка, Алкалоид, Сандеј Колид, Фудекс… Сето тоа е добар показател за значењето на оваа манифестација за град Белград, но и за македонската заедница и здружението Македониум во Белград.

Add a Comment