МАКЕДОНСКИ ИНФОРМАТИВЕН И ИЗДАВАЧКИ ЦЕНТАР - МАКЕДОНСКА ВИДЕЛИНА
Вие сте тука: Почетна страна » Политика » Двете држави споделуваат европски аспирации

Двете држави споделуваат европски аспирации 

covek

При официјалната посета на Република Србија, македонскиот министер за надворешни работи господин Никола Попоски, специјално за МАКЕДОНСКА ВИДЕЛИНА даде интервју, со што го искажа почитот кон нашата ревија. Од името на нашите верни читатели, редакцијата му заблагодарува.

МВ. Господине министре, како ги оценувате актуелните македонско – српски односи?
НП. Македонско-српските односи се во континуитет добри, меѓу двете држави практично и не постојат прашања кои би ги обремениле истите. Односите ги карактеризира висок степен на меѓусебно разбирање и уважување. Двете држави споделуваат европски аспирации и вредности, што е значаен фактор во унапредувањето на севкупните меѓусебни односи и соработка. Заедно со Вла дата на Република Србија работиме на изнаоѓање на потенцијали за на тамошно надградување на соработката во сите области во кои постои заемен интерес, идентификувани на првата заедничка седница на двете Влади, со посебен акцент на натамошно унапредување на економската соработка.
МВ. Колку македонската заедница во Србија и српската во Македонија, придонесуваат и влијаат на развивање на српско – македонските односи?
НП. Негувањето на националниот идентитет и остварувањето на правата на припадниците на македонската заедница во Р. Србија и српската заедница во Р. Македонија, несомнено претставуваат солидна основа за развивањето на односи те меѓу двете пријателски земји. Во тој контекст, би ја нагласил имплементацијата на Билатералната малцинска Спогодба за заштита на Македонците во Србија и Србите во Македонија, како добра основа за остварувањето на правата на припадниците на македонската заедница во Р. Србија и српската заедница во Р. Македонија.
Во наредниот период, очекуваме да се реализира средба на Мешовитата комисија за имплементирање на Спогодбата, која ќе ги утврди приоритетните барања на целните групи, неопходни за целосното и доследно реализирање на човековите и малцински права, а потоа државните институции на таквите барања и приоритети да одговорат со определени афирмативни мерки во таа насока.
МВ. Македонската заедница во Србија, преку државните субјекти (Националниот совет), невладините (САМСМАКОС), политичките субјекти (ДПМ), бележи големи исчекори во поглед на здружување на Македонците во Србија, остварување на своите права и развивање на македонската свест во дијаспората. Како ги оценувате нивните активности?
НП. Македонската заедница во Р. Србија, претставува позитивен пример за репрезентативноста на една заедница, особено ако се имаат во предвид активностите како што се обединувањето на македонските организации во Македонските обединети сили, организација составена од Националниот совет, здруженијата и Демократската партија, како и со изборот и на првиот Македонец во Парламентот на Р. Србија, г- дин Миле Спироски. Понатаму исто така, како солидна основа во остварувањето на правата би го посочил и усвојувањето на десетгодишната стратегија за дејствувањето на Македонците во Р. Србија, со чиешто усвојување се одредени насоките и приоритетите за нивното натамошно делување во Р. Србија. Треба да се поздрави примерот со воведувањето на македонскиот јазик во службена употреба во општина Пландиште, како и вклучувањето на предметот македонски јазик со елементи на национална култура за учениците во прво одделение во ОУ „Гоце Делчев” во Јабука, како и натамошно проширување на наставата на македонски јазик. Со оглед на наведеното сметам дека несомнено се исполнети условите за што поголема етаблираност и воедно видливост на активностите на заедницата на Македонците во Р. Србија.
МВ. Господине Попоски, неодамна имавте средба со грчкиот Министер за надворешни работи, Евангелос Вeнизелос, кој во рамките на неговата турнеја по градовите на Западен Балкан, го посети и Скопје. Има ли нешто ново, во познатите нивни ставови за името на Македонија?
НП. Да, во Скопје имавме средби и опширни разговори со господинот Венизелос, кој во рамките на неговата посета на земјите од регионот во својство на Претседавач со Европската Унија, ја посети Република Македонија. Разговорите беа отворени и конструктивни, при што беа опфатени главните прашања од значење за европската агенда на Република Македонија и беа разгледани можностите за изчекор во тој правец. Разликата околу името останува прашање кое ги оптоварува билатералните односи и поради кое, спротивно на Времената спогодба која ја имаме со Грција, Република Македонија и покрај пет последователни позитивни извештаи и препораки на Европската Комисија, сеуште не ги отпочнала пристапните преговори за членство во ЕУ, и сеуште не е членка на НАТО. За жал, морам да констатирам дека Грција досега не направи ништо да ја испочитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 5 Декември 2011 која нејзиното спротивставување на членството на Република Македонија во НАТО го прогласи за спротивно на меѓународното право и преземените обврски.
Останува очекувањето дека разумот сепак ќе надвладее, иако засега не гледаме придвижување во позицијата на Грција и нивна подготвеност за решавање на наметнатиот спор. Ова секако е резултат и на постојните внатрешно политички прилики во Грција. Република Македонија сепак ќе продолжи со конструктивно учество во дијалогот за надминување на ова билатерално прашање со Грција под покровителство на Обединетите нации.
МВ. Македонската заедница во Србија е мошне заинтересирана за спорот помеѓу двете православни цркви, СПЦ и МПЦ. Челниците на Република Србија, отворено ја изразија желбата да помогнат во решавање на проблемот. Дали разговаравте на таа тема?
НП. Владите на Република Македонија и на Република Србија, со оглед на секуларниот карактер на двете држави не се во можност директно да го решаваат спорот меѓу Македонската и Српската православна црква, се работи за спор кој очигледно ќе мора да има црковна разврска. Од друга страна, очигледно е дека истиот не оди во прилог на интересите на граѓаните на двете земји кои со право очекуваат црквите да ги зближуваат народите. Владите на двете држави континуирано разговараат за можностите дијалогот меѓу двете цркви да се одвива во позитивна насока и постои подготвеност за натамошен таков придонес.
МВ. Имате ли нешто да им порачате на Македонците во Србија?
НП. Да продолжат со несмален интензитет да го негуваат македонскиот национален идентитет. Исто така, имајќи го предвид значењето на мајчиниот јазик во изразувањето и одржувањето на сопствениот национален идентитет, потребно е да се вложуваат напори македонскиот јазик да се изучува низ повеќе форми и модалитети, особено за најмладите генерации. Да ја промовираат Р. Македонија, во насока на остварувањето на надворешно – политичките и економски приоритети, со посебен акцент на презентацијата на Р. Македонија како успешна дестинација за странски инвестиции. Би сакал да упатам апел до сите македонски организации дека можат секоја година да аплицираат до Министерството за надворешни работи за добивање на финансиски средства за реализација на проектни активности, кои имаат за цел изучување на македонскиот јазик, негување на македонскиот идентитет преку промоција на македонската култура или фолклор, вклучително и отворање на културни катчиња. Особено е значајно да се спомене дека Министерството за надворешни работи ќе продолжи со праксата за одржување на летниот камп наменет за најмладите припадници на македонските заедници во соседните држави, на кој главен фокус е изучувањето и проширувањето на знаењето за литературниот македонски јазик. Истовремено, Владата на Република Македонија секоја година доделува стипендии за студирање на високообразовните установи во Македонија за Македонците од соседните држави, па би сакал да ја искористам оваа можност да ги охрабрам сите заинтересирани да аплицираат на повикот кој секоја година преку амбасадата се доставува до македонските здруженија.
Дополнително, поради своето етничко потекло, Македонците во Србија имаат право да поднесуваат барања за прием во македонско државјанство, врз основа на Законот за државјанство на Р. Македонија. Државјанството, освен емоционална истовремено претставува значајна правна врска на поединецот со државата, и затоа сметам дека поседувањето на македонското државјанство дополнително ќе ги зацврсти врските на Македонците надвор од Македонија со својата матична држава.

Виктор Б. Шеќеровски

Add a Comment