МАКЕДОНСКИ ИНФОРМАТИВЕН И ИЗДАВАЧКИ ЦЕНТАР - МАКЕДОНСКА ВИДЕЛИНА
Вие сте тука: Почетна страна » Политика » Година за памтење

Година за памтење 

9997_4
М.В.: Почитувани претседателе, Националниот совет има зајакнати врски со највисоките државни органи на Р. Македонија и плодоносна соработка со Амбасадата на Р. Македонија во Србија. Како оди соработката со другите организации од владиниот сектор а, од неодамна и со некои колективи од невладиниот сектор?
Б.В: Секако добро. Нашиот императив е системски приод и разгранување на нашите капацитети. Природно е кога се остварува, како што велите, плодоносна соработка со највисоките уставни институции на Р. Македонија и Амбасадата на Р. Македонија во Белград, која нѝ е најблиска не само географско-физички, туку и по разбирањето на нашите проблеми и потреби. Се проширува листата на постоечките партнери, а од 2013 сме постојани партнери уште со две нови институции со кои потпишавме спогодби за соработка. Значајно е тоа што сега партнер нѝ е Националната и универзитетска библиотека на Р. Македонија од Скопје која дел од својата продукција и изложените книги на Меѓународниот саем на книгата во Белград, за нашите читатели донира 1000 нови наслови во фондот на Централната библиотека за македонски јазик при Националниот совет. Очекуваме доста и од соработката со Универзитетот за менаџмент и туризам од Скопје во областа на образованието на мајчин јазик во Србија. Универзитетот има меѓународен сертификат, планира да отвори во Србија свои одделенија и да им овозможи на сите граѓани да студираат на некој од седумте факултети на српски, англиски и македонски јазик. Националниот совет беше препознаен како соодветен партнер во овој проект по препорака од Здружението на МНЗ „Гоце Делчев“ од Врање, каде што веќе интензивно се работи да биде отворено едно вакво одделение.

Македонската национална заедница во Србија и во 2013 година оствари сериозни исчекори во нејзиното обединување на овие простори, а врвен дострел беа потпишаната Прва Стратегија на МАКОС за активностите до 2023 и добиената награда „Повелба на Република Македонија“ што ја доделува претседателот на државата Ѓорге Иванов. Според ваквите остварувања во годината за памтење, без двоумење кажувам дека Националниот совет, како прв лауреат на новоформираното високо уставно признание на Р. Македонија, е речиси етаблиран како најдобро организирана институиција на македонската дијаспора во целиот свет и стои цврсто на својот одреден и добро трасиран пат, особено земајќи ги впредвид сите активности што се допрва пред нас. А нив ке ги има многу и во новата 2014 година во која, според нашата мантра ќе инсистираме на мерливоста и проверливоста во работата, стремејќи кон идеалот да заживеат на теренот и практично сите договорени цели што самите си ги поставивме. Тоа е наша обврска, истакна за Македонска Виделина Борче Величковски, претседател на највисоката институција на Македонците во Србија и автор на Стратегијата „МАКОС 2013-2023”, наведувајќи дека добри резултати беа и лани забележени, иако со значајно помалку пари од очекуваните, и во еден голем обем активности на Националниот совет и другите инстанци на МАКОС.

М.В.: Добивте мошне позитивни оценки за претседавањето со Координацијата на Националните совети на националните малцинства во Србија. Наместо една година, мандатот Ви се продолжи за седум месеци и заврши со своевиден „lex specialis“ и избор за в.д. претседател на Координацијата за Војводина. Бидејќи се работи за своевиден преседан, појаснете нѝ за што се работи?
Б.В: Како претседател на Координацијата на Националните совети на малцинствата во Србија и, како и на другите функции, давав максимум во работата што беше мошне позитивно оценето. Значајна расправа се водеше за иницијативата да биде во Деловникот за работа на Координацијата изменет делот за кандидирање на првиот човек кој во иднина би можел и повеќе пати да остане на таа функција, што досега не беше случај. Да појаснам дека предложената функција не е платена, но значајна е и треба да помогне во институциалното изразување на заедничките ставови на сите 19 национални совети. Сега нè чекаат сериозни искушенија во рамките на расправите врзани за новиот нацрт на Законот за измени и дополненија на Законот за Националните совети и членовите на Координацијата се уверени дека моето досегашно искуство во оваа област може значајно да помогне. Оттука и новата функција која е поврзана со фактот на постоење на Национален совет на националните малцинства на Р. Србија со кој претседава премиерот на Р. Србија и постои Национален совет на националните малцинства на АП Војводина со кој претседава премиерот на АП Војводина. Се дојде до ставот дека треба да постои и Координација на советите за Србија и Координација на советите за АП Војводина аналогно на постоечките највисоки институции во областа на заштитата на правата на националните малцинства.
М.В.: Судејќи според најавите, 2014 година ќе биде изборна речиси за сите во Србија. Припадниците на националните малцинства ќе имаат и свои редовни избори за националните совети. Покрај реченото, оваа година е изборна и за Сојузот на Асоцијациите на МНЗ, а потоа во сите здруженија и во Демократската партија на Македонците. Што најпрвин нè очекува?
Б.В.: Покрај изборите што се најавуваат во државата, нам нѝ претстојат избори и во рамките на МАКОС. Според информациите што ги имам досега, најпрвин ќе имаме избори во Демократската партија на Македонците. Почитувајќи ги начелата на МАКОС, претседателите на Партијата Миле Спировски, на ГО Ратко Димовски и на ИО Новица Дукадиновски веќе имаа консултации со Националниот совет и со Сојузот. Очекуваме да известат во догледно време за точниот датум на партиските избори. Природно е дека и најавуваните парламентарни избори ќе ги следат изборите во политичките партии, што е непишано политичко правило, и очекувам дека така ќе биде и сега. Што се однесува до нашите избори во рамките на Сојузот и на здруженијата, знаеме дека тие ќе бидат одржани во планираното време, по истекот на нивниот четиригодишен мандат кој е сврзан со мандатниот период на Националниот совет, значи по изборите за националните совети. Сега се во жижа на севкупната јавност, особено кај припадниците на националните малцинства, изборите за националните совети кои, покрај најавениот Нацрт на Законот за измени и дополненија на Законот за националните совети, ќе бидат доста тешки. Имено, изборите за нови електори ќе се одржат согласно со доста изменетите правила и на нив ќе можат да учествуваат само припадниците на малцинствата што се евидентирани во посебниот избирачки список. Затоа е важно и во оваа прилика да им упатиме нова порака на сите наши припадници да го искористат овоа меѓувреме и да се запишат во избирачкиот список и активно да учествуват во изборниот процес. Пораката се однесува и на националните совети што првпат ќе се соочат со новината да бидат избришани од Регистрот на националните совети доколку во зададениот рок не ги завршат своите непосредни или електорски избори, како што ке бираме ние. Во таа насока мораме да ја искористиме предноста на постигнатото заедништво во МАКОС, со здружени сили, сплотено како и досега, да излеземе единствени, јаки и истрајни – пристап кој е гарант за успех во бирањето и на највисокото претставничко тело на Македонците во Србија. Во спротивно следи бришење од Регистарот. Во консултации со претседателите на здруженијата, истакнатите поединци и членовите на Националниот совет подготвив еден јасен и концизен изборен план, аналитички прегледан и проектиран во повеќе насоки за да ги зачуваме и понатаму да ги шириме нашите права и индивидуалниот идентитет. Документот ќе го презентираме наскоро, некаде во терминот кога ќе излезе и овој број на „Македонска виделина“ и ќе биде претставен и проследен до сите организации во рамките на Сојузот и на инстанците на МАКОС, кој го сочинуват трите столба: Националниот совет, како државен, односно општествн претставник и врвна институција, САМС како претставник на цивилниот, невладин сектор и ДПМ како политички претставник и партиципиент.
М.В.: Дали накусо можете да посочите уште некои од активностите според кои и 2013 ја издвојувате, како што веке оценивте, како година за памтење…
Б.В.: Веќе истакнав дека и ланската година ја красат бројни активности и повеќе значајни резултати на сите полиња. При Заводот за учебници на Р. Србија е завршен учебникот за прво одделение за предметот „Македонски јазик со елементи на националната култура„ и се подготвува негово печатење, што не зависи од нас туку од темпото што го диктира Заводот. Иста е и постапката за пилот-учебниците за второ и третто одделение со посредство на Министерство за образование и наука на Р. Србија. Успеавме да запишеме доволен број првачиња во учебната 2013/14 година кои го изучуваат овој предмет, особено во Јабука во која успешно ја исполнивме квотата. Морам да истакнам дека во овој дел на областа на образование сите национални совети, освен на унгарското национално малцинство, се соочуваат со намалената подготвеност кај припадниците на своите заедници за учење на својот јазик. Секако дека овој тренд не е постојана категорија, и повеќе се јавува како одраз на сеопштата состојба во која се наоѓаме како општество. Но тоа нема да не запре во напорите да формираме нови одделенија и во местатата во кои дозволува Законот. Ќе додадам дека овој процес е мошне тежок, дека бара трпение и системски приод, што покажува искуството на националните заедници кои имаат подолг стаж отколку ние во оваа област. Во соработка со Амбасадата на Р. Македонија во Белград, кон крајот на август гости на Охрид и Дорјан беа нашите завршени првачиња и учесниците во квизот „Запознај ја Македонија за да ја сакаш повеќе“. На некои од универзитетите во Р. Македонија беа запишани помалку наши стипендисти согласно со намалената квота што Р. Македонија ја одобри за целиот регион. Во областа на културата, преку нашите организации во САМС се одбележени или се одбележаа сите значителни дати, заклучно со прославата на 110 години од Илинденското востание, како и на Денот на Националниот совет кој лани го поврзавме со десетгодишнината на Здружението „Илинден“ од Јабука и 50-годишнината од постоењето на КУД „Васил Хаџиманов“. Со досега незабележан успех е спроведена и манифестацијата Денови на македонската култура „Себеси во поход“ со повеќе десетици осмислени програми, изложби и гостувања во повеќе градови низ Србија. Добро беа примени и традиционалните програми „Допир на Македонија“, „Денови на македонската култура во чест на просветителите Св.Кирил и Методи“, средба на гајдаџии, книжевни вечери, омажи, фестивали, значи не може да помине ниту една недела а да немаме ние Македонците организирано празнично другарување. Потсетувам дека организатори на сè посетените манифестации во кои Националниот совет е постојан партнер се здруженијата на граѓани на МНЗ, заедно со струковните организации на ниво на цела Србија, НИУ „МИИЦ“, Центарот за заштита на традицијата и посебноста „Тоше Проески“, Друштвото на писатели, Друштвото на ликовни уметници, Друштовото на интелектуалци, „Лоби клубот“, Фондацијата „Македонско сонце“, Форумот на младите Македонци, Друштвото за заштита на обичаите. На сите нив им изразувам голема благодарност за посветеноста и спроведените активности. Радува и фактот дека во областа на информирањето редовно се емитува емисијата „Македонско сонце“ на РТВ Војводина која отвори дописништво за емисијата во Панчево, а која сега се реемитира и на ТВ Ниш. На РТВ Чачак започна емисијата „Хроника на малцинствата”, а на радио Лесковац емисијата „Добро утро, Македонијо“ којашто е мошне добро примена од страна на нашинците во Јабланичката околија, а преку Форумот на младите се емитира и една интернет емисија. Како што се гледа бевме доста активни. Во рамките на пишуваните медиуми НИУ„МИИЦ“ го има својот стандарден висок квалитет во сите изданија и во издавачката дејност. Добар успех бележи и новиот часопис „Алка” кој се печати на македонски, српски и ромски јазик. Секако дека во ова редење ќе испуштам и некои од значајните активности, но останува фактот дека сите настани се забележани со текстови и слики во нашите пишувани и електронски медиуми.
М.В.: Почитуван претседателе, за крај на интервјуто, што можете да им порачате на нашите читатели и на севкупната македонска јавност во Србија, но и во светот? Оваа го кажувам бидејќи од скоро „Македонска виделина“ може да се чита и како интернет издание.
Б.В.: Ете и тоа е една од остварените важни работи која не ја спомнав, иако е мошне актуелна. Имено, на сите граѓани, особено на припадниците на МНЗ им препорачувам редовно и во иднина да ја читаат „Македонска виделина“ по вкус, со кафе прелистувајќи ја во своите раце или пак преку интернет изданието, а верувам дека со тоа постојано ќе се зголемува и бројот на заинтересираните читатели на овоа популарно списание низ целиот свет. На нашинците во Србија и на нашинците низ светот им пожелувам добро здравје, среќа и секако слога, бидејќи само сложни сме јаки како народ, но и како поединци, Македонци, каде и да сме и колку и да сме.

Кирил Панов

Add a Comment