МАКЕДОНСКИ ИНФОРМАТИВЕН И ИЗДАВАЧКИ ЦЕНТАР - МАКЕДОНСКА ВИДЕЛИНА
Вие сте тука: Почетна страна » Политика » Воспоставените темели се основ и предизвик за Македонската самостојност

Воспоставените темели се основ и предизвик за Македонската самостојност 

borce-velickovski

Борче Величковски, претседател на Националниот совет на НЗМ во Србија

Како покровителска организација на Македонците во Србија, Националниот совет ги гради цврстите столбови за сплотување на македонската кауза на овие простори.

Националниот совет е ценета и почитувана институција и во домицилната  и во матичната држава, како и меѓу другите на­ционални совети во Србија, како партнерска организа­ци­ја.  Од денот кога е формиран, 11 декември 2004 во Сава цен­та­рот во Белград и конститутивната седница во Панчево на 26 де­кември истата година, во изминатата деценија Советот по­сто­јано и неуморно работи врз заштитата и унапредувањето на инди­видуалните и колективните права на националната заед­ни­ца на Македонците во Србија што, главно, поединечно се ос­тва­руваа. Вториот мандат Советот го започна врз веќе поста­ве­ните темели, на 26 септември 2010 година, продолжувајќи да гради силни и цврсти столбови на нашата кауза. И затоа до­се­гаш­ните мандати, како и новиот, се сериозен потфат во зајак­ну­ва­њето, систематизацијата и разбудувањето на македонската свест и самобитност на овие простори. Третиот мандат што за­поч­на на 22 ноември 2014 година го цениме како нова прилика за соочување со новите предизвици, а добра основа за тоа се ак­тив­ностите остварени во последните десет години. Со нив значајно го зголемивме и степенот на достигнатите права на на­шето малцинство, изјави во новогодишното интервју за „Маке­донска виделина“ Борче Величковски, којшто по вторпат е избран за претседател и во третото свикување на Советот.

 

МВ: Како ги оценувате изборите што Националниот совет ги одржа по пат на електорско собрание. Каков пре­диз­вик претставува искажаната доверба и дали очекувате дека за следните избори ќе го оствариме цензусот за избор на Советот на непосреден начин?

 

БВ: Според Законот, за да го оствари правото на непо­сред­ни избори, едно малцинство треба во Посебниот избирачки спи­сок да запише минимум 40% од бројот на припадниците изјас­нети на последниот попис. Нашето малцинство во Србија е блиску до остварувањето на овој цензус. И покрај сите на­по­ри, ние немавме потребен број во ПИС и не можевме да одиме на непосредни избори. Се слушнаа одредени критики дека на тоа поле не се сторило доволно. Вистината е друга. Во поедини центри со поголема концентрација на Македонци во Србија се запишани и до 100% од граѓаните изјаснети на пописот, но тоа не беше доволно да се надомести бројот што недостасуваше во најголемиот град на Србија – Белград. Имено Белград, како впрочем и Нови Сад, се големи градови, особено нашиот гла­вен град, кој е милионска метропола и многу е потешко да се иден­тификуваат нашинците и истите да се запишат во ПИС. Ќе пот­сетам дека во Белград според последниот попис живеат околу 30% од вкупниот број наши припадници. И во оваа при­ли­ка сакам да им заблагодарам на сите припадници на нашата заед­ница кои учествуваа во изборниот процес, користејќи го законското право да избираат и да бидат избирани. Овој ман­дат е нов предизвик за мене, земајќи го предвид фактот де­ка, според непишаните правила, многу е потешко да се добие втората доверба отколку првата, кое говори дека остварените дела од претходниот мандат на  Советот се препознаени и оце­не­ти како добри, па имаме поддршка на таквите заложби. Вто­риот мандат, секако, е и голема чест но, пред сè, голема одго­вор­ност за продолжувањето на сите започнати активности во рам­ките на усвоената Национална стратегија. Искрено сум уве­рен дека во овој мандат Националниот совет ќе ја има по­треб­на­та сила да ги спроведе активностите во границите во кои се предвидени, не отстапувајќи во дејноста од правилото на мер­ли­вост и проверливост на работата на сите нас.

 

МВ: Со која оценка ќе го оцените изминатиот пат на Советот кој, како покровителска институција на Македон­ци­те во Србија дава голем придонес во ширењето на блис­ки­те врски и пријателските односи меѓу двата народа и двете соседни држави. А како ја оценувате 2014 година, земајќи предвид дека и во самата држава немаше доволно сред­ства за сите активности, кое се најавува и за 2015 година?

 

БВ: Ако ги сумираме резултатите во годината што веќе, прак­тично, е зад нас можеме да констатираме дека нивото на активностите не беше намалено во 2014 и се пополни целината од четиригодишниот работен циклус. Ако ги сумираме сите че­ти­ри години од изминатиот мандат, можеме да бидеме за­до­вол­ни од резултатите на сите полиња, што го покажа и истра­жу­вањето на Покраинскиот Омбудсман на АП Војводина. Име­но, јубилејот е прилика од преполната папка на активностите да се потсетиме дека нашиот совет во еден мандат претседаваше со Координацијата на 19 национални совети во Р. Србија и со Коор­динацијата на националните совети со седиште во АП Вој­во­дина. Како покровителска организација на Македонците во Србија, нашиот совет е иницијатор на многу активности и пред­вод­ник во стремежот кон обединување и сплотување на маке­дон­ската кауза на овие простори. Во рамките на оваа потреба во Р. Србија, меѓу припадниците на нашиот народ е усвоена Прва­та национална стратегија наречена МАКОС 2013 – 2023, како најбитен документ во последните 10 години, препознаен и поддржан и во Р. Србија и во Р. Македонија. Препознавајќи ги до­се­гашните заложби, претседателот на Р. Македонија Н.Е. Ѓорге Иванов ја награди оваа наша институција со највисокото уставно признание на Р. Македонија – „Повелба на Репуб­ли­ка­та“. Признанија имаме и во домицилната држава. Особено нè ра­дува истражувањето на Канцеларијата на Омбудсманот на АП Војводина според кое и Советот на Националната заедница на Македонците во Србија е меѓу првите што остваруваат нај­го­ле­ми подеми на активностите, како и признанието за наша­та централна манифестација Денови на македонската култура „Себеси во поход“, што Секретаријатот за култура на АП Вој­во­ди­на ја прогласи како манифестација од покраински и државен карактер. Македонските празници 2 август – Илинден, 8 сеп­тем­ври – Денот на независноста на Р. Македонија и 26 декември – де­нот на Националниот совет се празници и за Националната заед­ница на Македонците во Србија. Официјално се признаени симболот, грбот и знамето на Националната заедница на Маке­дон­ците во Србија, а значаен исчекор претставува и тоа што Ма­кедонците се воведени во Статутот на АП Војводина како кон­ституивен народ, па и знамето на Националната заедница на Македонците се виори во Собранието на АП Војводина.

 

          М.В. Што ќе биде главен приоритет на Националниот совет во овој мандат?

 

БВ: Општо е познато дека националните совети ги црпат надлежностите, врз оснава на законот, во областите на обра­зо­ванието, службената употреба на јазиците и писмата и кул­ту­рата и информирањето и тоа секако ќе бидат примарни за­да­чи и на ова свикување на Советот, особено предвидените актив­ности во образованието и информирањето. Но, малку е познато дека во својата дејност Националниот совет, покрај при­марната работа што произлегува од законот, има и редица дополнителни активности во рамките на активностите на орга­ни­зациите чијшто е основач, преку секојдневни контакти ги воо­чу­ва проблемите на заедницата од најширокото ладало на пра­ша­ња. Тој е отворен да  помага согласно со можностите, да ги ши­ри комуникацијата и интерактивниот однос и со голем број други организации што се занимаваат со слични прашања и тој е учесник во различни други активности. Значи, сето тоа што го работеше Националниот совет досега и што го постави како стан­дард во својата дејност, ќе го продолжиме и понатаму. Без оглед на четирите основни области, Националниот совет на На­ци­оналната заедница на Македонците има потреба, но и желба да бидат во работната агенда и натаму застапени и многу други активности, со  темпото кое ќе го овозможи нивното реа­ли­зи­ра­ње, како што реков, во согласност со нашите можности.

 

МВ: Кои активности на советот ке ги издвоите во образованието и информирањето?

БВ: Со формирањето на Националниот совет зајакна и невладиниот сектор и информирањето на македонски јазик. Припадниците на Националната заедница на Македонците, од почетокот на институционалното организирање, со јасна цел и стратегија, формираа  35 здруженија и струковни организации што дејствуваат во рамките на Сојузот на асоцијации на Националната заедница на Македонците во Србија, чиј основач е Националниот совет. Во повеќе окрузи се отворени канцеларии на асоцијациите кои дејствуват и како регионални канцеларии на Совет, а наши експерти редовно учествуват во пишувањето на Државниот извештај на Србија околу имплементацијата на Европската повелба за регионалните, односно малцинските јазици и со свои претставници учествува на бројните тркалезни маси, трибини и тематски форуми. Со голем ангажман на Советот, македонскиот јазик и неговото кирилско писмо се воведени во службена употреба во населеното место Јабука (град Панчево) и во Општината Пландиште. Предметот „Македонски јазик со елементи на националната култура, традиција и историја“ за I до IV одделение,  по усвајањето во Националниот просветен совет и објавувањето во службениот гласник, има карактер на правен законски акт. Во ОУ „Гоце Делечв“ се одржува настава по овој предмет во три одделенија, а од оваа година се изучува и во Качарево. Во тек е постапката да биде воведен и во наставата во Глогоњ, Гудурица, Дужине и во некои други места. Добро се примени и курсевите за изучување на македонскиот јазик и писмо под името „Добредојдовте на македонски јазик“. Од училишната 1998/99,   Владата на Р. Македонија, преку Амбасадата на Р. Македонија во Белград и  Националниот совет дава стипендии за учење на универзитетите во Р. Македонија на студентите што имаат македонско национално потекло, а се од Србија. До сега, со посредство на Националниот совет, оваа можност ја користат повеќе од 100 студенти.

Значајни резултати во информирањето на македонски јазик остварува НИУ „МИИЦ“, во чии организација месечно излегува списанието „Македонска виделина“, што го финансира Покраинскиот секретаријат за култура и информирање и списанието за деца и младинци „Sуница“, како и списанието за култура, книжевност и уметност „Видело“, се печатат книги и преводи на писатели Македонци што создаваат на овие простори и на писатели од мнозинскиот народ, а во рекордната 2011/12 се објавени 25 нови наслови. Се појави и првото мултикултурално списание на македонски, ромски и српски јазик „Алка“ кое наиде на добар прием кај читателите. Добар е и ангажманот во другите печатении и електронски медиуми. Воведени се емисии на Јавниот сервис на РТ Војводина во траење од половина час „Македонско сонце“, како и на ТВ Панчево еднаш неделно емисијата „Банатско сонце“, на ТВ Врање „Инфомак“, додека емисијата „Македонско сонце“ ја реемитува ТВ Ниш. На РТ Војводина функционира редакцијата на македонски јазик, која има дописништво во Панчево. На ТВ Лесковац оди емисијата „Добар ден Македонијо“, а во рамките на Форумот на младите започна и интернет Радио емисија. Отворени се интернет сајтови на Националниот совет и на НИУ „МИИЦ“, како и фејсбук-страници на Советот, САМС и емисијата „Македонско сонце“. Одреден број здруженија имаат отворени интернет сајтови или фејсбук-страници. Во неделната емисија на малцински јазици „Граѓанин“ на Јавниот сервис на Р. Србија, често одат и прилози за активностите на националната заедница на Македонците.

Во оваа прилика ќе потсетам дека во бројни средини редовно се спроведуваат веќе традиционалните манифестации од областа на заштита на културата, како што се:  „Денови на македонската култура“ во чест на Св. Кирил и Методиј, „Средба на гајдари“, „Василичари“ „Фестивал на песни и ора“ и манифестацијата „Гравче-тавче“, Фестивал на меѓунационални песни и ора, Квизот „Запознај ја Македонија за да ја сакаш повеќе„ и многу други

 

М.В. По што ќе ја памтите 2014 година од аспект на работата на Националниот совет, а по што на приватен план?

БВ: Годината со која се простуваме секако ја обележаа двата изборни циклуси. Едниот се парламентарните и прет­се­да­телските избори во Македонија, во кои Националниот совет и САМС дадоа навистина голем придонес припадниците на на­ша­та заедница да го остварат своето право и да гласаат, прак­тич­но, по првпат на изборите што се одржуваат во нашата ма­тич­на држава. Вторите избори се штотуку завршените избори за националните совети. Оваа година беше обележана со го­лем обем на активности на нашите организации низ цела Срби­ја, од Суботица до Врање. Покрај Јабука, нашиот јазик почна да се изучува и во Качарево, а во Пландиште се поставени пове­ќе­ја­зични табли во неколку десетици населени места. Во Лес­ко­вац започна емисијата „Добар ден, Македонијо“, а нашите мла­динци покренаа младинско радио. Се одржа централната про­сла­ва на Илинден во Јабука, како и низа традиционални ма­ни­фе­стации во Белград, Нови Сад, Ниш, Врање, Пирот, Јабука, Ка­чарево, Панчево, Суботица и многу други места. Се фор­ми­раа и нови организации во Бор и Сомбор, нови струковни орга­ни­заии, Националниот Ансамбл имаше голем подем во рабо­те­ње­то и да не редам понатаму, зашто секако ќе испуштам нешто од бројните активности што подробно ги наведов во Извеш­та­јот. На крај, треба да се истакне и соработката со републичките, покраинските и локалните власти, како и со низа организации од невладиниот сектор, која е подигната на највисоко ниво, а исто така и со сите највисоки институции во матицата и со Амба­садата на Р. Македонија во Р. Србија. Воспоставени се одлични односи со највисоките функционери на двете земји, кое обезбеди повеќе нивни посети на Националниот совет. По­себ­ни куриозитети се секако средбите со претседателот на Р. Македонија во неколку наврати во Скопје и Панчево и со претседателот на Р. Србија во Белград. На приватен план е, се­како, без конкуренција раѓањето на мојата трета ќерка Јана, што за моето семејство претставува вистински благослов.

 

М.В. Господине Величковски, пред нас се празниците. Што ќе им посакате на нашите припадници и на читателите на „Македонска виделина“ во новата 2015 година која, спо­ред прогнозите, ќе биде економски многу потешка, со ново стегање на ременот?

БВ: Традиционално како и секоја година, пред сè добро здрав­је, среќа и радост во престојната 2015 година, но секако и слога и сплотеност на севкупниот македонски народ во Србија. Среќна Нова година и претстојни Божиќни празници.

Кирил Панов

Add a Comment