МАКЕДОНСКИ ИНФОРМАТИВЕН И ИЗДАВАЧКИ ЦЕНТАР - МАКЕДОНСКА ВИДЕЛИНА
Вие сте тука: Почетна страна » Култура » Вистински потомок

Вистински потомок 

vsistinski-pototmok

ЉУБОВТА КОН МУЗИКАТА КАКО ГЕНЕТСКО НАСЛЕДСТВО

Љубовта на Борис кон класичната гитара е посебна, а талентот е очигледен,тој е вистински музички наследник на неговиот прадедо Атанас Крстевски.

Борис Николиќ од Качарево има само девет години, ученик е во трето одделение во ОУ „Жарко Зрењанин“ и упорно го следи својот сон кога ќе порасне да биде добар музичар. Уште од мал кај него под влијание на радиото и телевизијата се развива љубов кон жичните инструменти, но гитарата најмногу го привлекла. За само година ипол, колку трае неговото учење, тој научил 30 песни да свири на овој инструмент.

Прва на неговиот список е „Македонско девојче“, а потоа „Мамо кој чука на порти“, „Ој девојче бело и црвено“, се нижи долг список меѓу кои има и народни и класични.

- Свирами рок и народна, но класичната музика ми е омилена, некако има најубава мелодија, убаво звучи, вели малиот гитарист.

Тој е вистински наследник на Атанас Крстевски кој свиреше на својата гајда на сите настани кои ги организираа Македонците во Качарево. Исто како и неговиот прадедо и тој добро се снаоѓа на јавни настапи. Досега учествувал на многу актовности кои здружението „Вардар-Качарево“ ги организира, а посебен успех има постигнато на училишните приредби. Неговата популарност расте со текот на времето, а неодамна после еден настап ги даде и првите автограми на друагрите и другарките од одделението. За неговите чести настапи има разбирање и неговата учителка Снежана Марковиќ, а учителот по гитара, Мирослав Мишљанов смета дека ако Борис продолжи да учи со истиот елан ќе стане добар музичар.

-Иако имаме мал фонд на часови неделно, поради обврските во училиштето и другите слободни активности на кои Борис со огромна сериозност им приоѓа, сепак брзо напредува. Неговата љубов кон класичаната гитара е посебна, а талентот кај него е очигледен, вели учителот Мирослав, задоволен што може своето знаење да му го пренесе на малиот ученик. Тој верува дека Борис има доволно желба и волја да си го оствари сонот.

Со него се гордеат и родителите, а најмногу баба Горица и дедо Мирослав кои го подржуват и следат во сите негови активности.

-Во нашата фамилија има и други членови кои ја сакаат, ја негуваат и целосно ѝ се предаваат на музиката во слободното време, но Боки со посебна сериозност вежба. Со голема одговорност ги исполнува и совладува и домашните задачи зададени во училиштето, вели баба Горица која со гордост зборува за својот внук.

А Борис, иако е сѐ уште мал знае што сака и постојано работи врз остварувањето на желбата кога ќе порасне да формира музичка група која ќе биде составена од најдобрите мајстори на гитарата.

Лилјана Лазареска

Add a Comment