МАКЕДОНСКИ ИНФОРМАТИВЕН И ИЗДАВАЧКИ ЦЕНТАР - МАКЕДОНСКА ВИДЕЛИНА
Вие сте тука: Почетна страна » Актуелно » Баритон ценет во големите светски престолнини

Баритон ценет во големите светски престолнини 

oliver-njego

Кирил Панов – Интервју: Оливер Њего, оперски уметник и педагог

За Македонија ме врзуваат убави спомени и бројни пријателства; таму ги пеам српските, а тука македонските песни

„Патував често низ светот, но секогаш се враќав дома, меѓу пријателите, среќен што на животните раскрсници инстинктот ме водеше кон целта и низ неизвесните лавиринтски патишта. Ниш е градот на моето детство, а Скопје и Белград се значајни за музиката, која беше и останува клучна во обликувањето на мојот живот. Како педагог, се трудам на студентите да им ги олеснам првите чекори во уметничката кариера, со надеж дека и тие во животот ќе можат да ги следат своите патишта. Потомок сум од ова поднебје и тука ми е најубаво да творам. Кога тоа го кажувам, мислам и на Србија и на Македонија подеднакво“, истакнува Оливер Њего, соло пеачот кој по своја волја, статусот првак на Белградската опера го замени за улогата предавач на академиите во Крагуевац и во Бијељина. Активен е и во пеачкиот свет, со интерпретации од музиката што ја сака – од класика до други жанрови, но сега пее во своја режија, а публиката на бис ги поздравува настапите што се помнат по препознатливиот баритон, ценет и во најголемите светски престолнини. Од овој голем уметник дознаваме, колку за Македонија го врзуваат убавите спомени и богатиот и содржаен живот во Скопје, од кое со голема носталгија се пресели во Белград, радосен што музичкиот опус ќе го збогати и во своето јазичко подрачје. – Моето чувство за убаво претставување на Македонија само јакнеше во изминатите две децении како и борбата за македонската идеја, за македонските препознатливи нешта и вредности како што се македонското вино и македонската песна, Охрид и неговото бисерно езеро.

 

МВ: Професоре, денес е 21. февруари, голем празник на ОН во кој се одбележува Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – како го научивте македонскиот јазик?

ОЊ: Јазикот го научив на улица, како дете од десет години дружејќи се со новите другари во Скопје и без тешкотии и денес го зборувам. Некако ми е смешно, дури и страшно ми пречи тоа што во Белград кога ќе се сретнам со некој од Македонија и сакам да помуабетам по македонски, а тој ми одговара на српски, посочува Оливер за Македонска виделина, зборувајќи на течен македонски јазик иако прашањата беа подготвени на српски. „По мајка ми сум Македонец, а по татко ми Босанец и со еден здрав генетски микс, со пријателство ги градам добрите врски и правилниот однос кон другите. Мајка ми Даринка е родена во Скопје, но од 1940 година живееше и во Србија и периодично во Македонија, каде што работеше како лекар и менаџер на „Алкалоид“. Има цинцарско потекло, по татко и мајка е од Битола, од угледната фамилија Османли, а чичко ѝ Димитрија Османли е познат македонски режисер. Значи, во Ниш го научив прво српскиот јазик, а по преселувањето во Скопје за кратко и македонскиот јазик, и денес лесно се служам со двата јазика. На македонски често се шегуваме и со артистот Иван Бјеќарев, ама тој знае да прави и „чалам“ од тоа. Мислам дека соработката меѓу двете земји е добра и можат уште да се шират културните врски. Двете средини го красат пријателството и присутната симпатија меѓу луѓето, што се гледа и во телевизиските шоу програми во кои учествуваат и млади музички таленти од Македонија. И тоа ме разгалува. Иако сум Србин, често мислам дека сум поголем амбасадор на Македонија и од многу Македонци кои живеат тука, односно поголем амбасадор на Србија од Србите во Македонија во која престојувам често, бидејќи имам бројни пријатели и длабоки врски остварени во незаборавното време од околу 20 години. Во Скопје го завршив основното училиште „ Браќа Рибар“, и гимназијата „Орце Николов“, која имаше три Српски паралелки. Родителите ни беа воени лица на служба во Македонија, а дојдени од Хрватска, Словенија, БиХ и Србија и во таква мултиетничност се чувствувавме како групација на едно здраво братство и единство. Во тие три, наводно српски класа, беа и Срби, Хрвати, Словенци, православни и муслимани. Врските ги негуваме и денес како средовечни луѓе и во Скопје се собираме за секоја матурска годишнина.

 

МВ: Во Оперскиот хор се „инфициравте“ од пеењето, кое и без да претчуствувате ви ја одреди животната професија и е моќен лост во егзистенцијата. Што се случи со детската желба да бидете пилот и да го гледате светот на дланка, од птичја перспектива?

ОЊ: Убави соништа, кои оставија длабока трага во мојот живот. Се роеја на аеродромот Петровец кога татко ми Ѓокан, пилот на авионите на Извршен совет на Македонија, често ме водеше во кабината и ме возеше, а јас мечтаев дека еден ден ќе бидам пилот. Многу тешко ми падна што ни покрај три обиди, не успеав да го положам приемниот испит, бидејќи не исполнував некои медицински предуслови. Мислам дека малку во таа насока влијаеа и врските на мајка ми, која не можеше да се помири јас да бидам пилот. Сето тоа, за среќа, ме насочи кон музиката. На 25 години се запишав на Музичка академија, иако пред тоа немав завршено нижо, ниту средно музичко училиште. Како гимназијалец често пеев во разни околности, па девојките од друштвото ме наговорија да почнам да стажирам во академскиот хор „ Мирче Ацев“, во кој пееја и членови на Операта и притоа да заработам за џепарлак.

oliver-njego-u-straniciПо една година ја положив аудицијата за Скопската Опера. Директорот Жоро Божиков, знаеше дека со мојот талент ќе запишам Академија и ќе ги надоместам работите што ми недостасуваа од музичкото образование. Соло пеење учев заедно со Миомир Тасиќ, кој беше голем баритон кај Станко Лича, професор за вокална педагогија, кај кого гласот го „брусеше“ и пеачот Драган Стојниќ. Во таа насока, од 1980 година, почнав да работам во МНТ, како член на хорот на Операта, каде што останав 8 години до служењето на воениот рок во Белград, каде што и денес живеам. Во мојот трет град, дипломирав соло пеење во класата на примадоната Радмила Бакочевиќ, на Факултетот за музичка уметност. Солист сум на Белградската Опера од 1990г., кога шест месеци подоцна белградската публика ме поздрави во првото деби со Фигаро од Росиниевиот „Севиљски берберин“. Следната година, со статусот член на Операта на Народниот театар во Белград, во групата бев меѓу најценетите српски соло пеачи.

 

МВ: За вас пријателите кажуваат дека сте голем народен човек, патриот спремен да запее во секоја околност, без оглед на условите и средината во која пеете.

ОЊ: Да. Тоа ми оди од рака. Во Македонија пеам српски, а тука Македонски песни. Тоа го чувствувам како моја должност на мисионер, кој ги презентира убавите нешта, без оглед дали се со македонско или српско потекло, а на студентите им кажувам дека различните чувства тешко се објаснуваат низ класичната музика. Имено, во презентирањето на музикалноста се потребни и нештата кои се ваш архитип и кои влијаеле во формирањето на самата личност. Со должна почит кон класичната музика, детството не го започнав со нејзиниот звук, иако со неа се надоградував, туку со „Стани, стани, Ибар водо“ и „Кажи, кажи, либе Стано“ или со „ Елено ќерко“, што во праксата се цени и тоа не можам да не го почитувам.

 

МВ: Судејќи по реакциите од публиката и тука сте на добриот пат. Бројни интелектуалци не кријат дека со задоволство ги слушаат вашите интерпретации и сакаат во колекциите да имаат и ваши албуми или ЦД-а. Зошто не снимите некој албум и дали може само со гласот да се обезбеди добра егзистенција?

ОЊ: Не можат сите што живеат во нашата бранша, да остават такви записи. Во уметноста, сликарите како творци оставаат слики, но репродуктивните уметници не се творци. Таков е мојот однос кон тоа и ако во досегашните 55 години тоа не ми беше потребно, не гледам зошто сега би било поинаку. Значи немам материјален однос кон тоа, зошто и каде некои снимаат ЦД, Ди-Ви-Ди или албуми. Денес е многу тешко да се оствари егзистенција со глас, особено во вакви услови. Гласот, го имаш или го немаш. Меѓутоа, за оперско пеење е потребно и постојано усовршување. Човек може да пее и ако не е писмен, но без образование не може да каже дека од утре ќе свири гитара. Тоа не може. Еве, имам две ќерки, Дарија свири клавир, а помладата Тара на гитара и гледам со колку голем труд вежбаат и учат да го достигнат потребното ниво, да бидат интересни за слушање. И оперското пеење бара свесен однос кон гласот, да има квалитетни вокали, да е убав, звучен и радиофоничен. Но, успесите не се базираат само на талентот, неопходно е и школското искуство. Павароти немал академија, но бил одличен педагог, значи не може оперско пеење без едукација. Разликата е голема, исто како и кај луѓето кои имаат нозе, но само ретките трчаат маратон.

МВ: Какви се искуствата со кои се среќавате во наставата. Има ли таленти…

ОЊ: Има, меѓутоа талентот не носи сѐ. Прво, човекот мора да има убав глас, што е една компонента од талентот, потоа музикалност и смисла за ритам и интерпретација која е предуслов за една пеачка личност. Ако има само еден од тие елементи, на пример убав глас, исто е како да имате квалитетен мермер, но за вредните скулптури потребни се и добри мајстори. Талентот е важна компонента, но за успех во сложените проектни дела требаат и други едукатори. Во Крагуевац имам своја пеачка класа, а во Бијељина им предавам на идните артисти Техника на говорниот глас. На музичката академија, секоја година имам по еден студент, односно во прва година еден, во втора четири, а сега шестмина кои индивидуално ја следат наставата. На Драмската академија во Бијељина наставата е групна, Лиљана Благоевиќ е шеф на катедрата и ја води класата од десет луѓе. Со сите работам индивидуално и учам како правилно и јасно да зборуваат на сцената и со кој интензитет да го чуваат гласот во текот на целата претстава.

 

МВ: Каква е соработката со вашата менторка Радмила Бакочевиќ …

ОЊ: Таа беше добра и пријателска, од почетокот кога се запознавме во Македонија и во текот на студиите и денес постојано ја унапредуваме. Сега сме комшии во истата зграда, таа е на првиот а ние на шестиот кат. Останувам нејзин голем должник. Среќен сум што сме и просторно блиски и благодарен сум на Господ што е така.
За браковите во денешно време мислам дека се уште има лутања околу тоа, дали е поважна кариерата или семејниот живот. Кај мене тие работи одеа спонтано: на 50 години ја напуштив академијата и театарот, и отидов во педагогијата, затоа што на мојата вага кариерата остана на полесниот тег. Во брак зачекорив во зрелите четириесетти години и, со сопругата Јасна, која дваесетини години е помлада и во се ме исполнува, имаме две ќерки, а чекаме и трето дете, овој пат син. Ни претстои големо ангажирање во воспитувањето на децата, да се раководат со граѓанските вредности, а тоа ќе биде и наш испит, како што парафразирано оценува Вук Караџиќ, „не е знаење тоа што го имаме, туку како тоа ќе го пренесеме на другите“.

 

МВ: Добитник сте на бројни домашни и меѓународни награди и признанија…

ОЊ: Од странските, посебно значаен ми е златниот медал и пехарот за најдобра интерпретација, како и освоеното прво место за дует со колешката од Белградската Опера Наташа Јовиќ, на Меѓународниот фестивал во Северна Кореја. Ме радуваат и наградите од домашните фестивали ,,Белградска пролет‘‘, но и другите добиени за учество на бројни хуманитарни концерти. Најголемо задоволство ми претставува Орденот на Св. Стефан, кој го добив од Патријархот Иринеј. И тука ме води се во духот на поговорката: „ не проси раката која дава“.

 

МВ: Вие сте пример за почит според тоа што го давате и правевте, докажувајки ја христијанската честитост за љубов,вера и надеж. Кој ве учеше за верата?

ОЊ: Таа е битен сегмент во човековото воспитување и ако верата не ја понесете од дома, никој не може суштински да ве научи. Три пати бев во Света гора и Хиландар, во еден период од животот кога ги барав одговорите: кој сум, што сум, кон што стремам и што е животната смисла на нашето постоење. Таму ги учев монасите, кои се навидум мирни а во суштина луѓе со длабоки сознанија, како да пеат, а тие мене ме учеа за среќата и верата.

Add a Comment